Нема логика во временски период од неколку месеци да се одржуваат и парламентарни и претседателски избори. Непринципиелно е да има претседателски избори во април, а парламентарни во јуни. Македонија пресиромашна и премала држава да може да си дозволи. Власта прави епско бегање од избори и соочување со народот, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Само интервју“ на Канал 5 и потенцираше дека Македонија нема 7 месеци за губење и за да се спаси од уставно политичка криза, изборите мора да се споени.

Николоски појасни дека бидејќи Парламентот беше конституиран на 4 август 2020 година, а Пендаровски инаугуиран на 12 мај 2019 година согласно роковите за избори, претседателските изборите треба се случат помеѓу 31 март и 5 мај, додека за парламентарни опсегот е прв термин 5 мај, а последен термин е 30 јуни.

- Доколку изборите се така, 100 дена претходно треба да има техничка влада, што значи дека техничката влада ќе постои кога ќе се случат претседателските избори, а 40 дена пред да почнат претседателските избори, државата треба да запре со се. Тоа значи дека од февруари до јули Македонија треба да е замрзната држава, не смее да има јавни набавки, договори, бизнисот не треба да учествува во ништо, се треба да е замрзнато во ваква економска криза. Да зборувам за дуплите пари околу 8 или 9 милиони евра по циклус. Секоја логика вели дека треба да се најдеме на средина, рече Николоски.

Николоски нагласи дека средината е дека во април може да се случат и претседателски и парламентарни избори и тоа во било која недела во април.

- Суштински тоа би биле редовни и претседателски и парламентарни избори. Последна опција 8 мај во среда, два пати досега имало избори во среда. Ова се сите опции на маса, изјави тој.

Николоски исто така посочи дека има три опасни сценарија, првото најопасно сценарио е претседателските да не успеат, затоа што ако има избори на оддалеченост на два месеци граѓаните ќе ги чекаат парламентарните избори и дел од нив нема да гласаат на претседателски.

- Разликата помеѓу прв и втор круг на претседателски помеѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и СДС ќе е толку голема што мотивот за излегување кај поддржувачите на СДС ќе падне. Трето е улогата на ДУИ. Ако пропаднат претседателските избори, тогаш претседателот на Собрание од ДУИ станува и претседател на држава, а ДУИ согласно договорот со СДС 100 дена пред избори ќе има премиер. Тоа значи дека партија која има 12% од пратениците ќе има три од три врвни позиции. Затоа ние сакаме да ја спасиме Македонија од уставно политичка криза и да бидат, споени изборите, истакна тој.

Николоски додаде дека иако на ВМРО-ДПМНЕ можеби повеќе му одговара прво претседателски па парламентарни, одговорот е дека изборите треба да се споени и Македонија нема 7 месеци за губење.

На ВМРО-ДПМНЕ може повеќе му одговара прво претседателски па парламентарни, затоа што СДС градат лажен оптимизам, а јас сум убеден дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на претседателските, а потоа СДС нема да може да најде по 20 луѓе на листа за на парламентарни, ќе бидат нокаутирани. Ако пак не успеат претседателските и ДУИ ги има сите позиции исто ни одговара за да ги извадиме на чисто манипулациите кои се случуваат, но прашањето е дали Македонија има 7 месеци за губење, нашиот одговор е НЕ и затоа треба да се спојат изборите, изјави тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2023 19:26