Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска соопшти дека се разделила од новинарот Андреа Џамбруно, со кого беше во долгогодишна врска, откако тој се најде на удар на критики во последните недели поради сексистички коментари дадени во етер.

„Мојата 10-годишна врска со Андреа Џамбурно завршува тука“, напиша Мелони на Фејсбук. „Нашите патишта се разминуваат веќе некое време и време е да го признаеме тоа“, додаде таа.

Од долгогодишната врска тие имаат седумгодишна ќерка.

Џамбурно е домаќин на информативна програма емитувана од Медиасет, дел од медиумска група во сопственост на наследниците на покојниот Силвио Берлускони, поранешен премиер и сојузник на Мелони. Во текот на летото тој предизвика бура во италијанската јавност со изјава во која сугерираше дека жените можат да избегнат силување доколку останат трезни. „Ако одите да танцувате, имате целосно право да се опиете, но ако избегнете опивање и онесвестување, можеби ќе избегнете проблеми“, рече тогаш Џамбруно.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2023 16:09