Секој пат почнува со прв чекор. Патот на Македонската револуционерна борба за слобода почнува со првиот чекор кој го направија Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, кои пред точно 130 години на овој ден ја основаа Македонската револуционерна организација која беше внатрешна затоа што произлегуваше и делуваше за македонскиот народ и за македонската слобода.
Во Солун во 1893 година овие родољуби ја втемелија идејата. Ниту една борба не почнала веднаш масовно, туку тлеела и се всадувала од херои и визионери какви што биле овие великани. Но малку се примерите во светот, каде што еден ваков чист идеал бил толку брзо и толку масовно прифатен од народот, каков што е примерот со идеалот за ВМРО. Организацијата станала потоприштето на целата борба, но и надежта на поробениот македонски народ за слобода после векови туѓа власт. Зошто било тоа така? Затоа што организацијата била автохтона, била посветена и пожртвувана кон остварувањето на таа цел. Организацијата и народот биле едно, душата и телото на Македонија.
Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас, сите жртви се заслужени – рече Иван Хаџи Николов, еден од основачите на македонската револуционерна организација и на тој начин ќе го покаже својот стремеж, но и стремежот на илјадници синови и ќерки на Македонија кои потоа ќе се жртвуваат за својата Татковина. Овие зборови, но и делата на Организацијата, биле искрата во мракот кај напатениот и подјармен народ. Ваквите зборови мобилизирале старо и младо да се вклучи во револуционерното движење, кое било искрено и чисто и кое по многу што освен на отоманската империја им се спротивставувало и на околните хегемонски и империјални аспирации на другите земји.
Не случајно Дамјан Груев, еден од основачите на ВМРО ќе истакне дека освен грчка и српска пропаганда, постои и бугарска. “Таа постои. Има бугарски политичари кои праќаат платеници во Македонија. Под имињата на мошне познати шефови тие испраќаат чети во Македонија да агитираат за анексионистичката идеја. Тука има место само за една организација, народната, македонската“ – ќе каже безмалку пророчки Груев, затоа што тие негови зборови се толку актуелни и ден денес.
Со народот, Организацијата, го делеше и доброто, но најчесто лошото што и се случи на оваа напатена и со крв натопена македонска земја низ целиот овој век. Македонија за нив беше мајка со која сострадуваа. Апостолот на Македонската револуционерна борба Гоце Делчев, како еден од најголемите и најхрабрите синови на Организацијата и на Македонија беше свесен дека успехот може да се темели само на внатрешните усилби и сили за внатрешно востание, кое ќе произлезат преку духовно воздигнување на народот, па во таа насока ќе каже: Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами да го разбие нивниот ропски дух.
Затоа нивното дело е толку велико. Затоа нивните имиња со златни букви се запишани во македонската колективната меморија и во македонската историја. Тие го посеаа семето за национално будење на македонскиот народ и создадоа корен на македонската државност. Не само Илинден 1903, туку и Илинден 1944 година се плодот на нивното револуционерно дело.
После Илинденското Востание и Крушевската Република врските со народот не прекинаа, туку напротив продолжија. Организацијата стана трн во око на надворешните непријатели, затоа што сватија дека нејзината идеа за слободна македонска држава им ги пореметува нивните планови за својатање на Македонија. Но Организација или слободно можеме да речеме Подземната република со институции како држава, успешно одолеваше на сите тие напади и предизвици, и одново, одново како феникс се издигаше благодарение на народот и на идеалот. Идеалите се бесмртни, а македонскиот идеал е просто како пиреј, колку повеќе го корнеш, толку повеќе излегува на површината.
Со поголеми или помали успеси, нескршливиот дух опстои во текот на големите војни кои се прекршуваа на грбот на Македонија. Организацијата ја одржа идеата за македонска држава и покрај сите премрежја. Впрочем борбата за слобода која се водеше во НОБ почнуваше и беше окончана со успех водена од идеалите втемелени во 1893 година. Партизанските одреди ги носеа имињата на хероите од илинденската епопеја, повиците за омасовување на отпорот се повикуваа на континуитетот на македонската борба и на крајот ветераните на Организацијата како Павел Шатев и Панко Брашнаров беа клучни учесници на АСНОМ кога се поставува македонската државност.
Прогоните кои потоа уследија врз членови на ВМРО беа производ на едно идеолошко слепило, кое затворајќи ги неправедно луѓето за вмровските идеи, сакаа да го затворат и македонското прашање, но и тоа не успеа. ВМРО продолжи да живее во секој Македонец како симбол на слобода и независноста на Македонија. Во дијаспората, но пред се во Македонија огромно мнозинство остана верни на аманетот на Организација и тој аманет го крунисавме на 8-ми септември 1991 година, кога на референдумот јасно и гласно го кажаа својот стремеж за независност.
Почитувани,
Организацијата е завет и ќе продолжи да биде завет за секој Македонец додека е векот и векува. ВМРО и денес е стожерот на македонската борба за правдини и македонските интереси. И денес кога се атакува по Македонија и кога се пљачка со цел да не дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлега на пуста пустина, ВМРО е тоа кое што под бајракот на Македонија ги обединува сите граѓани и застанува напред во борбата за достоинство и напредна иднина.
Ќе ми дозволите во оваа прилика да истакнам огромна и посебна благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој дава сесрдна и сестрана поддршка на патриoтскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ чие партиско живеење, свој почеток и сега она што сме е последица и производ на негова заслуга. Имаше визија но и мудрост да го направи чекорот со формирање на овој институт затоа што тој и е неопходен на ВМРО и на Македонија. Благодарам Претседателе, во мое име и во името на сите членови на Патриотскиот институт, а сите заедно еден до друг сме во битката да ја кренеме повторно Македонија на нозе. Таа е нашата најважна битка.
Народот е ВМРО, ВМРО е народот, а заедно се и ќе останеме заштитници на Македонија и на македонските национални интереси. Тоа е наша обврска како генерација. ВМРО го обединувало народот во минатото, ВМРО-ДПМНЕ го обединува народот денес. Тоа е традиција која обврзува за иднината која доаѓа.
Да сте ми живи и здрави.
Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ
Нека е вечна Македонија