Во изминатиот период беше актуелен извештај на Светската банка кој со жежок шамар ги симна розевите наочари на власта. Сиромаштијата и пропаста на економијата толку го зема данокот што 600 илјади граѓани живеат на маргини на опстанок, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Стојаноски посочи дека откако Димитар Ковачевски е премиер цената на храната е повисока за 44 проценти, цените за одржување на здравјето се повисоки за 13 проценти, за комуналии скоро 27 проценти. Оттука Стојаноски го праша Ковачевски:
„Дали мислите дека во вакви услови просечен пензионер може пристојно да го помине месецот“.
Стојаноски посочи дека Анкетната комисија за случајот Онкологија и Комисијата за финансирање и буџет расправаа за извештајот на Ревизија.
„По ова ве прашувам дали гарантирате дека нема да се случи ваков сличен скандал во друга јавна здравствена установа во скоро време“. Вака гласеше второто прашање на Стојаноски до Ковачевски.
Трето прашање од Стојаноски до Ковачевски се однесување на одржување на претстојните парламентарни и претседателски избори.
„Вакво вешто бегање од избори немало досега, бегате од соочување со народот, не сакате да разговарате за датум за избори очигледно јасно ви е со што ќе се соочите на изборите. Затоа јасно ве прашувам кога ќе престанете да бегате од соочување со народот и зошто бегате од двојни избори“, го праша Стојаноски премиерот Ковачевски.