Случајот Онкологија е монструозен скандал во кој e беспредметно да се дава коментар, но мораме да го повторуваме, бидејќи Македонија денеска за жал се соочува со луѓе кои печалеле од маките на граѓаните, рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ за време на денешната посета на Прилеп која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависта промените“.

Мицкоски посочи дека партијата има обемна документација и од последните години, а не како што зборуваше власта дека тоа било случај до 2021 година.

„Од досегашните анализи извлековме неколку заклучоци. Првиот се темели на Извештај од вонредниот надзор на набавките на УКРО и МЗ или на документи за периодот 01.08.2021 до 01.08. 2023, како и за парцијалниот надзор декември 2022 - март 2023 година и констатирани се неправилности кои се дополнително и засилени. Затоа бараме да се прошири истрагата и работата и за тој период“, кажа Мицкоски.

Како второ, Мицкоски посочи дека е констатирано дека и покрај огромни милионски залихи на лекови тоа не ги спречувало надлежните и од МЗ и од УКРО да распишуваат тендери иако има залихи. И како трет заклучок тој посочи дека има дилема како се дава дозвола на пациенти терапијата да биде аплицирани во други здравствени установи бидејќи транспортот е специфичен.

„Потоа спорно е и треба одговор дали некој добива повратна информација дали терапијата е аплицирана, дали тие вијали се целосно потрошени или делумно и што се прави со останатото итн.

Имате омилена веледрогерија која снабдува милионски суми на лекови, а од друга страна има катастрофални услови каде се аплицира истата. Некако работите се изместени, тоа мора се среди“, посочи Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2023 22:05