Етнонационалистичките и шовинистички пораки кои што доаѓаат од водечкиот и стожерен коалиционен партнер во владата, Демократската унија за интеграција и Али Ахмети, се за целосна осуда, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

За време на посетата на Општина Ресен, Мицкоски ја осуди изјавата на Ахемети кажана за време на отворањето на Мемораијален центар на УЧК во кумановското село Сопот.

-Ние во 21 век, во Маедонија треба да зборуваме за работи кои што значат додадена вредност во животите на нашите сограѓани. За жал, денеска Албанците, Македонците, Турците, Србите, Бошњаците, Власите, поради тешкиот живот во Македонија и поради ваквите политичари кои што повеќе од 20 години на овие националистички и шовинистички флоскули ја пљачкаат Македонија, ги полнат автобусите и авионите и заминуваат од Македонија. Во периодот на отсуство на проекти, во отсуство на работа, ДУИ и Али Ахмети, и останатите првенци на таа партија за да го заштитат криминалот што го прават, и злоделата кон македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот, влашкиот, ромскиот народ, и егзодусот што се случува, ќе се обидат да дефокусираат со вакви националистички и шовинистички пораки. Мене ме чуди што премиерот Ковачевски како помал коалиционен партнер во владата се уште таму го грее столчето. Тој треба да замине и барем еднаш во неговиот живот да покаже дека не е обична кукавица и измеќар на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција, истакна Мицкоски.

На новинарско прашање во врска со користењето на дипломатски возила на претстојниот собир на ОБСЕ во Скопје, лидерот на македонската опозиција оцени дека и во таа владина постапка има сомнеж за криминал.

-На големиот настан на ОБСЕ кој што би требало да значи можност, странски високи дипломати да ги видат убавините на Македонија и на главниот град, тие успеаја да отворат сомнеж за криминал. Со цените кои што ги прикажуваат тие дури не можат да им конкурираат ниту најбогатите светски држави бидејќи се неколкукратно повисоки и од тамошните пазари. Жалам што и во последните моменти од нивниот мандат, покажуваат и докажуваат дека тие се само обични криминалци, и ваквото однесување е за осуда, рече Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2023 20:41