Албанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промена“, денеска, на прес-конференција пред Министерството за правда велат дека измените на Кривичниот законик се донесени во служба на екс-премиерот Никола Груевски.

Ова доаѓа откако деновиве екс-премиерот Никола Груевски беше ослободен од обвинение во предметот „Траекторија”, за изградба на автопатот Кичево-Охрид, како и по барањето на Јавното обвинителство, Груевски да биде ослободен од обвинението во предметот „ТНТ”.

-Продолжуваме да бидеме сведоци на играта од власта предводена од СДСМ и ДУИ за „спасување на Груевски“. Пред неколку дена екс-премиерот Никола Груевски беше ослободен од обвинение во предметот „Траекторија” за изградба на автопатот Кичево-Охрид, каде што буџетот на државата беше оштетен за вкупно 155 милиони евра. Сега согласно последните измени во Кривичниот законик, Јавното обвинителство побара Никола Груевски да се ослободи и од обвинението во предметот „ТНТ”, каде што поради политичка одмазда буџетот на државата беше оштетен со 11 милиони евра, велат од албанскиот опозициски блок.

Тие велат дека секој кој што ја попречувал правдата ќе сноси одговорност и ќе одговара пред Законот и правосудните органи. Од албанскиот опозициски блок прашуваат колку години затвор, со измената на Кривичниот законик, му се простуваат на Груевски, и колку пари на граѓаните се злоупотребени со кривичните дела од кои Груевски е ослободен од обвинение.

-Не мора да бидете ниту аналитичар, ниту политичар за да разберете дека измената на Кривичниот Законик е направена само и само во служба на Груевски, Мијалков, Јанкуловска и на другите како нив. Резултатот се гледа и е на повидок. Се обидуваат да се оправдаат со европска интеграција, а граѓаните не добиваат ништо освен амнестија на криминалците. Граѓаните треба да знаат дека овој подарок го имаат од ДУИ и Али Ахмети, а ќе продолжиме да слушаме дека случаите како „ТНТ“, „Тенкови“,„Титаник“, „Траекторија“, „Талир”, „Таргет-тврдина”, еден по еден паѓаат во вода. Колку години затвор Ахмети му спасил на Груевски со промената на Кривичниот законик и колку пари на граѓаните се злоупотребени со овие кривични дела од кои Груевски е ослободен од обвинение, прашува албанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промена“, од пред Министерството за правда.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2023 22:29