Во скандалот Онкологија има интересни моменти. Во 2019 година се првите пишувања на медиумите кои стануваат многу чести. Тука беше и Државната ревизија која има и блага форма на заклучоци, а и сепак и покрај тоа што завршил надзорот со Извештај во 2023 година во март, продолжува инсистирање на медиумите кои алудираат дека се уште не е во ред ситуацијата на Клиниката за радиотерапија и онкологија. На сето ова јавното обвинителство почнува со некаква работа на почеток на септември годинава, рече Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ и претседателка на Анкетната комисија за случајот Онкологија на гостување во емисијата „За или против“ што се емитува на телевизија Алфа.

Мизрахи информираше дека за сведоци во Комисијата биле повикани нешто повеќе од 60 сведоци, а десеттина не се појавиле.

„Тие што не одговорија, не се појавија се директно лица од Владата и оставаат црна дамка како да се работи за прикривање на докази. Сепак во трката со време се помина низ маса на материјали и можеше да се види што се случувало на Клиниката за радиотерапија и онкологија“, рече Мизрахи.

Според неа случајот Онкологија е политички карцином кој навлегол во здравството, а притоа не се почитуваат никакви правни норми.

„Има откажување на контролните механизми во здравствениот систем. Или нема ништо, нема протокол, процедури или има тенденциозен хаос, но тој немало да настане ако Министерството за здравство вршело надзор во сите аспекти во здравството. Значи каде било Министерството за здравство, министерот, потоа Фондот за здравство“, рече Мизрахи.

Мизрахи укажа дека директорите на здравствените установи пишуваат извештаи за работа, се доставуваат до МЗ и ФЗО. Ако надлежните институции според неа имале увид и работеле по правила Клиниката немало да влезе во оваа ситуација.

„На пример ФЗО кој би требало да има увид и ако работел како што треба Клиниката веројатно немала да влезе во оваа шема. Исто и Агенцијата за лекови врши надзор, потоа Државниот здравствен инспекторат. Има еден куп на контролни механизми и доколку биле надлежните за контрола вклучени и си ја работеле работата од 2019 до денес немаше да ја имаме оваа афера“, рече Мизрахи.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2023 04:30