„Не можеме да го поддржиме овој предлог и ќе зборуваме и на пленарната седница затоа што Комисијата чиј состав го разгледуваме денес е еден на изворите на корупцијата во Македонија. Гледате дека и со последниот Извештај на ЕК јасно се зборува дека нема напредок во борбата со криминалот и корупцијата во Македонија, напротив расте. Во Македонија во изминатите години се зголеми праксата на објавување на тендери за добропознат понудувач каде што или критериумите се прават такви да уште слика фали на тој кој што треба да го добие тендерот од една страна. А, од друга страна се ставаат карактеристики кои што може да ги исполни само таа компанија која што треба да го добие тендерот. И најголем дел од набавките се со еден понудувач“, истакна пратеникот Александар Николоски на седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата говорејќи за утврдување на Предлог – одлука за именување на претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Николоски додаде дека многу често вредноста на набавките одговара на проценетата вредност на органот кој што ја спроведува јавната набавка. И воопшто не се користи системот на електронска негативна аукција од причина што тој еден понудувач кој што однапред знае дека ќе го добие тендерот понудува цена која што е еднаква на проценетата вредност од страна на соодветната институција, а некогаш понудува и цени над проценетата вредност, имајќи в предвид дека нема конкуренција, нема со кого да се натпреварува. И се случуваат селективни јавни набавки, јавни набавки кои што се со еден учесник и јавни набавки кои што ја суспендираат конкуренцијата, а ја стимулираат корупцијата.

„После тоа се слушаат приказни по градот, кои што мислам дека за многу брзо време по промената на власта ќе бидат дел од нив и докажани во судските институции за тоа колку проценти и од кој тендер кај кого одат. Најчесто шеф на целата операција се врвовите на политичките партии во власта кои што управуваат со овој систем на јавни набавки и што е јавна тајна во Македонија. Па, еве сакам да прашам од тука денес дали е вистина или не е дека генералниот секретар на СДСМ е тој кој што ги договара овие јавни набавки за најкрупните, особено за оние кои што се во најголемите институции во државава“, запраша Николоски.

Тој посочи дека соодветно на тоа оваа второстепена комисија скоро и да не прави ништо за да го спречи овој начин на коруптивно однесување.

„Напротив за конкретниот господин кој што е предлог постојат исто така кредибилни сознанија и сакам да прашам дали е вистина или не дека одредени компании добро го наградуваат за одредени жалби да ги прифати или да не ги прифати. И дека тоа му било пракса во изминативе години на работа и дали планира да ја продолжи таа пракса. И да го информирам сигурно ќе го гледа ова дека за тоа се носи кривична одговорност и дека за многу брзо време ќе му ја испитаме работата, а верувајте дека постојат бројни сведоци кои што тоа ќе го посведочат пред соодветните органи. И ова е причината зашто ќе гласаме против“, нагласи пратеникот.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2023 19:12