Кога се чита Извештајот на Европската комисија за Македонија имам впечаток дека читам извештај за африканска земја, рече Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ на трибина насловена како „Извештајот на ЕУ за Македонија – Одраз на реалноста“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, а се одржа вечерва во Радовиш.

Димитриеска Кочоска говорејќи за делот посветен на економијата во Извештајот посочи дека истиот е многу реален.

„Од Брисел во Извештајот велат дека во јавните набавки имаме лимитиран напредок или јас би рекла за да не кажат немате никаков напредок велат треба обука на сите дури и на компаниите кои се дел од тендерите. Велат треба ефективни мерки или контрола, односно велат има корупција и криминал на сите нивоа во цела постапка на тендерите“, рече Димитриеска Кочоска осврнувајќи се на Извештајот и забелешките од истиот, а кои се во контекст на спорниот договор за изградба на делници од Коридорот 8 и 10д.

Димитриеска Кочоска укажа дека нема зошто ЕУ да ни кажува што да направиме, кога нели ние одиме натаму, одиме кон ЕУ и тоа треба да го знаеме и не само тоа туку и да го правиме. Потпретседателката ги спомена и другите забелешки наведени во Извештајот на ЕК.

„Велат да се внимава на критериумите при тендерите и на она што значи конфликт на интереси, а тоа е случај со Коридорите 8 и 10д. Она што го читаме во Извештајот е нешто што ВМРО-ДПМНЕ го кажува како забелешка, го повторува во континуитет какви и кои пропусти се прават и во континуитет ги објавува“, рече Димитриеска Кочоска.

Според Димитриеска Кочоска кога е хаос најлесно е да има криминал и корупција, бидејќи во хаосот никој ништо не гледа.

„Ако ги спроведуваат правилата полесно е да се воочи кој не ги почитува, затоа нема усогласување на правото со европското законодавство, туку има само злоупотреба на европското знаменце при предлагање на законите“, кажа Димитриеска Кочоска.

Потпретседателката Димитриеска Кочоска сумираше и кои се клучни пропусти кои ги прават надлежните, а треба да се надминат.

„Извештајот забележува на реализација на капитални инвестиции и укажува дека нема контрола, дека планот е огромен за овие инвестиции, а реализацијата мала. Ако има правилна реализација на капитални инвестиции, тоа е начин да постигнеме поголем економски раст. Катастрофални сме во делот на човечки ресурси и се вели дека нема практичари, потоа нема инфраструктура во енергетика, нема ништо и во делот на реформа на УЈП, нема никакви иновации или Фондот за иновации не работи како што треба“, изјави Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска заклучи дека по промена на власта прво треба борба против корупција и криминал, а потоа политики за здрав економски раст.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2023 04:55