Овој извештај според оценките е најлошиот кој што Македонија го примила од ЕК за напредокот во целокупниот систем на институции на нашата држава затоа што во десет области во извештајот е констатирано дека нема напредок, а преведено во одредена оценка е оценка нула во десет области од коишто неколку од нив се клучни области како правосудство, борба против корупцијата, злоупотреба на европското знаменце, исто така Републичкиот судски совет, состојбите во Собранието и слично, истакна во неговото гостување во вестите на ТВ Алсат, членот на ИК и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски коментирајќи го Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.

„Во изминатите 5, 10, 15 години секогаш сме имале различни извештаи, имало некои амплитуди, но средната оценка било дека има одреден или умерен напредок, но во овој извештај се гледа дека доминира оценката нема никаков напредок, особено во областите за борба против корупцијата и правосудството“, додаде Милошоски.

Говорејќи за катастрофалната оценка за судството Милошоски потенцираше дека без разлика дали власта сака или не сака да признае нивните експоненти се тие кои го доведоа Судскиот совет до најлоша можна оценка од ЕК и затоа оваа власт која е генератор на ваквите проблеми не може да понуди решенија.

„Јас на оваа работа гледам многу конкретно. Во Републичкиот судски совет самите членови на судскиот совет покажаа дека состојбите се драматично лоши. Ние имавме една претседателка на Судскиот совет која што даде оставка заради притисоци, политички и од одредени бизнис кругови и имавме втора претседателка на Судскиот совет која што беше неделовнички разрешена и тоа беше констатирано. Носител на втората иницијатива за тоа неделовничко разрешување на претседателката на Судскиот совет е членот на Судскиот совет кој што е член на ДУИ. И ние гледаме дека власта без разлика дали сака да признае или не сака да признае, токму нивните експоненти во Републичкиот судски совет го доведоа Советот како институција до најлошата можна оценка од страна на ЕК“, истакна Милошоски и додаде:

„Мислам дека се потребни темелни реформи, но не верувам дека власта која што била генератор на вакви проблеми во Републичкиот совет, дека би можела истата власт да ги понуди решенијата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2023 04:57