Македонскиот ракометен првак во женска конкуренција ЖРК Ѓорче Петров подготвено ја дочекува пресметката против белгиски КТСВ Еупен во рамки на третото коло во третото по ранг континентално натпреварување, Европскиот куп на ЕХФ.
Македонскиот шампион в недела му гостува на белгискиот вицепрвак во Еупен од 14 часот, а реваншот е на 19 ноември во Скопје со почеток во 20 часот.
Тренерот на ЖРК Ѓорче Петров, Симе Симовски, истакна на денешната прес-конференција дека македонскиот тим ја има фаворитската улога, но неговите ракометарки нема да го потценат белгискиот противник, кој сезонава дебитира на европската сцена.
„Веќе две недели работиме со цел максимално подготвени да влеземе во дуелот и да ги отстраниме грешките во нашата игра. Ракометарките дисциплинирано работат и сметам дека сме подготвени со успешен настап да ја израдуваме македонската јавност и да продолжиме натаму со настапите во Европа“, изјави стратегот на македонскиот шампион.
ЖРК Ѓорче Петров до третото коло во Европскиот куп дојде со две убедливи победи над црногорскиот тим Тиват.