- Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ синоќа, на малата сцена, премиерно го изведе текстот „Драма изгубена во времето“ на Сашко Насев, во режија на Деан Дамјановски. „Драма изгубена во времето“ е едно од последните драмски дела на Насев, работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтимос, како и според мотиви од други домашни и странски дела. Претставата имаше и видео и аудио и игра на сцена., а премиерната изведба беше наградена со долг и силен аплауз и овации од бројната публика
Како што појаснуваат од велешкиот театар, оваа драма претставува колаж од теми кои се концентрирани околу единствените два лика – ликот на Тaa и Тoj, двајца актери кои во текот на дејството се навраќаат на своите професионални и приватни животи. Тaa, актерка во зрели години, ја игра Талија Настова, а Тoj, искусен актер – Самоил Стојановски.
Режисерот Деан Дамјановски за МИА, по претставата, потенцира дека бидејќи во оваа несекојдневна претстава актерите треба да бидат многу прецизни, нивната изведба била над неговите очекувања.
- Претставата се занимава со идеја за тоа колку стварноста е стварна и колку театарската стварност се меша со онаа вистинската со реалноста. И колку едната во другата се прелеваат. Тука се вплетуваат четири приказни коишто се играни од двајцата актери. Четири различни односи кои се изиграни од двајца актери. Претставата започнува со четири почетоци за низ еден лавиринт добиеме впечаток дека сме тргнале во една насока, но потоа сфаќаме дека стварноста ни бега од конците и дека што е она што е проба, а што претстава, а што е стварност. Границата меѓу нив не е точно јасна, потенцира Дамјановски.
Актерката Талија Настова за МИА, појаснува дека со колегата Самоил Стојаносвки и режисерот Деан Дамјановски на претставата работеле напорно три месеци. Тие поминале едно интересно искуство еден вид на лабораторија, бидејќи работеле во стан и во двор.
- Претставата се работеше на еден поинаков начин за разлика од претставите што ние актерите ги работиме во театар. Овојпат малку излеговме од театарот и самата драма го нудеше тоа да можеме да бидеме комфорни во еден период, „Драма изгубена во просторот“ е претстава којашто опфаќа повеќе медиуми. Имавме видео и аудио проекции и дел којшто си колегата Самоил го играме во живо и воедно се вклопувавме со тие видеа. Тоа беше интересен процес, затоа претставата треба да се види, затоа што е визуелна и не може да се опише со зборови. Оваа е многу интересна претстава како еден филм во театар. Театар во филм. Ние изигравме по неколку улоги, се играме и самите себе како глумци што одат на проба, значи го рушиме тој четврт ѕид со публика. Забавно е и интересно и тоа го почувствува и публиката, појасни Настова.
Актерот Самоил Стојановски за МИА вели дека се чувствува многу задоволно затоа што со колешката Талија Настова направиле јуначко дело бидејќи во прецизноста на изведбата бара перфектна прецизност во играта за да се совпаднат сите различни елементи сите различни медиуми кои се преклопуваат еден во друг.
- Имавме многу убав процес, многу разговаравме и тие долги разговори на пробите родија со плод што наоѓавме заеднички јазик, јас Деан и Талија. Подоцна во тие разговори учествуваше и останатиот дел од екипата како видеодизајнот, аудио дизајнот, светло дизајнот бидејќи сè мораше да биде синхронизирано до перфекција и мислам дека успеавме, потенцира актерот Стојановски.
Тој појасни дека оваа претстава меѓу другото зборува за она што се случува зад кулисите во театарот, со цел публиката да ѕирне малку од таа страна., зад сцената во ходниците на театарот. Да се открие оној живот кој актерите го живеат вон сцената, а сепак на професионално ниво.
Инаку, оваа е трета премиера годинава на велешкиот Народен театар со средства на театарот.
Првата реприза на претставата е закажана за в среда, 15 ноември, во 20 часот на малата сцена на велешкиот Народен театар.