Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, денеска кога се одбележуваат 79 години од ослободувањето на главниот град, беше промовирана книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова.

Промоторка на книгата беше универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, минатогодишна добитничка на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

- Интересен е концептот низ кој се гради „Книжевната мапа на Скопје“. Тој се отвора со цитат од песната „Зборувај за Скопје“ испеана од Нина Спирова во далечната 1965 година (малку време по страшниот земјотрес) со што започнува и ова патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. И Илкова патува, се вози, трага сè до оној последен дел кој се затвора повторно со песна, но овој пат со познатата „Градот убав пак ќе никне“, песна со која се отвора секоја година фестивалот „Златно славејче“. Инаку, целата книга се гради врз принципот на едно постојано (на)враќање на Скопје, и лично (физичко) и во/преку книжевноста. Затоа оваа книга на Моника Илкова може нам/вам како читатели да се обиде да ни даде (можни) одговори на прашањата од типот: Дали може секој од нас да го портретира своето/нашето Скопје како книжевен лик? Момче ли е, девојче ли, бесен ли или мирен „човек“? Ги сака ли своите граѓани? Го сакаат ли граѓаните? Или само го обожуваат авторите? Го кудат или величат?, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Како што посочи таа во промотивната реч, преку обидот да се истражи односот кон градот што го имаат различни автори, книгата на Илкова опфаќа книжевни остварувања кои зборуваат за Скопје пред и Скопје по земјотресот, односно, за старото и новото Скопје, но и остварувања од најновата книжевна сцена во кои постои еден друг рез помеѓу старото и новото. Во најновите книжевни остварувања повторно, но во една поинаква форма, се појавува онаа носталгично-сентиментална нота за градот кој веќе го нема, но овојпат „изгубен“ од стихија поразлична од онаа природната во 1963. Така тие се јавуваат како критика, како бунт и протест кон она што е градот денес и на тој начин зборуваат за „улиците што ги нема“, за „градот што веќе не е мој“, за „Скопје и сè е можно“, за „украдениот град“.

На промоцијата беше посочено дека исцртувајќи ја и испишувајќи ја книжевната мапа на Скопје, Моника Илкова неизбежно го поставува и она прашање на и во литературата, кое гласи: „Каде престанува стварното, а каде започнува измисленото?“ или „Каде престанува вистинскиот, а каде започнува измислениот град?“. Но и нуди одговори!

- Моника Илкова едноставно ги открива и систематизира старите и новите сознанија за односот кон градот во македонската книжевност, го „прочитува“ Скопје од гледна точка на урбофилна или фланеристичка книжевност и прави суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации. Притоа и ја истражува новата книжевна сцена во која односот кон градот е една од главните опсесии и ја детектира пораката што ја даваат најновите книжевни остварувања преку ангажираниот тон во нив, одделно нагласи промоторката Мојсова-Чепишевска.

Пред присутните на промоцијата се обрати и авторката на „Книжевна мапа на Скопје“, Моника Илкова.

- Навистина сум среќна што мојот магистерски труд, што кога ќе порасне сакаше да биде книга, ја исполни својата желба. Мислам дека не бев возбудена сѐ додека не ја зедов книгата в раце, кога сфатив дека држам опредметен еден долг период на пишување, истражување и патување низ книжевната мапа на Скопје. Особено ме радува тоа што за книгата се заинтересираа и луѓе што не се занимаваат сокнижевност, а ме направи горда тоа што книгата веќе успеа да натера неколкумина да ги читаат делата и авторите за кои пишувам. Се надевам дека „Книжевна мапа на Скопје“ ќе биде убаво патување за сите што ќе ја имаат в раце. Неизмерно сум благодарна на моите рецензенти, Весна Мојсова- Чепишевска и Иван Антоновски за посветеноста и поддршката низ целиот процес на издавањето на книгата, со што помогнаа мојата „Книжевна мапа на Скопје“ да не остане само помеѓу зелените дебели корици на магистерскиот труд и да добие поголем број „шетачи" низ неа, истакна Илкова.

Извадоци од „Книжевна мапа на Скопје“ читаше актерот Андреј Серафимовски, а од името на издавачот на книгата - Центарот за култура и културолошки студии, притусните ги поздрави Лорета Георгиевска-Јаковлева. Кусо обраќање имаше и уредникот на книгата, Иван Антоновски.

Ова е прва ваква книга за Скопје, а преку неа, картографи на неговата книжевна мала, со своите дела се и: Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Ана Голејшка Џикова и Иван Шопов.

„Книжевна мапа на Скопје“ е достапна во повеќе книжарници во градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2023 17:18