Во Културно-информативниот центар вечер од 19:19 часот ќе биде промовирана новата книга на Ферид Мухиќ - „Бигор шарпланинецот – приказни за пријателството и храброста“, објавена од Издавачкиот центар ТРИ.

Како што соопшти издавачот, се работи за роман во раскази - „извонредна ода за пријателството, за нераскинливата поврзаност меѓу човекот и песот преку која се срочува филозофијата за меѓучовечките односи, за пријателството и воопшто за сеопштата поврзаност во природата“.

Книгата ќе ја претстави промоторката Виолета Танчева-Златева, а публиката ќе има можност да разговара со авторот Мухиќ - филозоф и поет, научник и учител, кој има објавено 52 книги.

-Според д-р Ана Димишковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој проф. Мухиќ подготвуваше безброј студенти за влез во водите на филозофијата, оваа „трогателна сага“ е неверојатен прирачник за живеењето, навраќање кон вистинските вредности на животот. Мухиќ целосно маѓепсува со своите зборови, носејќи нè до едно друго ниво во нивната длабочина, наведува Издавачкиот центар ТРИ



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2023 12:56