Еден од најголемите заеднички предизвици за сите земји од регионот е недостатокот на медицински персонал, истакна Тања Трајковска, акушерка на Одделението за интензивна нега и терапија на Клиниката за гинекологија и акушерство, пред почетокот на регионалната конференција „Градење на капацитети на силен глас на медицински сестри и акушерки, Грижа за работната сила“, што се одржува денеска во Скопје.

На конференција на Националното здружение на медицински сестри техничари и акушерки (ЗМСТАМ) претставници на здруженијата и коморите овој медицински кадар од Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Република Српска и Црна Гора дискутираа за заедничките предизвици и потребата од квалитетно образование.

Трајковска истакна дека во нашата држава има се помалку кадар затоа што младите сестри се повеќе се решаваат за полесно работно место со подобра плата во друга држава.

-Натчовечки напори се вложуваат во дел од интензивната нега. Имаме навистина голем успех во последно време, но се помалку не има на работните места, заради тоа што младите сестри повеќе решаваат за полесно работно место, за подобра плата да заминат во другите држави. Се помалку и помалку не има на работните места, старее работната сила. Ако кажам дека јас сум веќе од помладите, а сум 50 години и 32 години на Гинекологија тогаш можете да замислите со каква бројка се соочуваме, изјави Трајковска.

Според неа, клучното решение за овој проблем е образованието.

-Значи, мора да има квалитетно образование и нашата држава конечно треба да реши на кое ниво сака да има образовани медицински сестри и акушерки, и да го смени ставот, затоа што ние не сме помошници на докторите. Ние сме професионалци коишто имаат свое поле, а тоа е негата. Ние никако не навлегуваме во ингеренциите на докторите, а не би требало ни тие да навлегуваат во нашите. Треба да сме партнери, тимски да работиме, но треба да не препознаат и да не почитуваат на работните места, истакна Трајковска.

Таа појасни дека нашата држава треба да се прилагоди на директивата на ЕУ според која треба медицинските сестри акушерки да се високо образовани.

-Така треба да биде и во нашата држава. Значи, треба да имаме високо едуцирани, квалитетни на високо образование. Средното образование да има и во другите држави, но таму се асистенти на медицинските сестри акушерки коишто понатаму имаат можност да се школуваат или за дипломирани медицински сестри акушерки или за лекари, подвлече Трајковска.

Радмила Нешиќ, претседател на Сојузот на здравствени работници на Србија, истакна дека проблемот со недостаток на медицински персонал е присутен во целиот регион.

Нешиќ посочи дека ниските плати всушност не се главната причина поради која медицинскиот кадар си заминува надвор од државата.

-Сите мислат немаме доволно персонал заради платата, не е тоа. Значи, мора да се има уважување кон професијата. Секоја професија е професија која може да биде признаена и уважена, а мораме да признаеме дека сестрата е таа која со пациентот е 24 часа на секое ниво и не може да биде понижена никаде и од никого. Од таа причина, значи оптеретување, недоволен број на кадар, неразбирање, поставување на сестри на политичка основа или на одредени функции сето тоа доведува сестрите да бидат незадоволни во својата земја и заминуваат. Тука се и старосната структура како и не признавање на високото образование, порача таа.

Моника Ажман, претседател на Комората /Здружение на медицински сестри и акушерки на Словенија рече дека развиениет земји на некој начин го крадат персоналот од земјите кои не се во можност да им пружат на медицинскит персонал исти услови. Според неа, особено голем проблем е тоа што малите земји не се во можност ни да увезуваат за да го надополнат недостатокот.

-Она што најмногу загрижува тоа е сигуроста на пациентите и на ова треба да обрнеме многу поголемо внимание и затоа треба секоја земја да вложува во медицинските сестри, да вложува во образованието затоа што она што ќе го вложиме во медицинските сестри ќе биде влог за здравјето на луѓето. Кај нас има многу едукација, тоа е во ред, но она што е лошо е како да ги задржиме во таа професија да останат затоа што во другите гранки како на пример туризмот условите за работа се многу подобри отколку во здравството, вие знаете дека медицинската сестра работи 24 часа секој ден за празници, за викенди, а денеска на младите парите не им се толку важни, како слободното време и тука имаме голем хендикеп, изјави Ажман.

Настанот се одржа во организација на Националното здружение на медицински сестри и акушерки на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2023 17:47