Загрижена сум какви пораки добиваме од Бугарија, Преспанскиот договор ги поттикна политичките елити во Бугарија и кога науката ќе влезе на политичката арена не може да очекувате некаква логика, рече Иванка Василевска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ што се емитува на телевизија Алфа коментирајќи го односот на официјална Софија кон Македонија.

Според Василевска целосно е неприфатливо однесувањето на Бугарија кон Македонија или во денешно време да ни се наметнува да ја прифатиме нивната вистина, т.е. вистината на официјална Софија.

Во однос на дебатата во Мешовитиот парламентарен комитет, Василевска се осврна и на дијалогот што го имаше со европратеникот Ангел Џамбаски.

„Го прашав зошто во 2008 година кога Бугарија влегуваше во ЕУ изјавивте дека немате отворени прашања со соседите, зошто сега правите вака, и немаше одговор“, укажа Василевска.

Василевска укажа дека бугарското општество денес во голем процент е проруско.

„И тие не го кријат тоа, дури и бугарскиот претседател не ги крие симпатиите. Тоа се тие противречности со кои се соочува самата ЕУ“, рече Вaсилевска.

Според Василевска ситуацијата во Македонија е таква затоа што актуелните политичари од власта кои ја узурпираат власта не гледаат подалеку од она што се гледа.

„Ним им велам, вие ја гледате Македонија како поле за поткусурување. Тие немаат самопочит. Кај претходните генерации на политичари имаше поинаков став иако доаѓаа од една федерација, сепак постоеше трошка дигнитет. И кога се градеше државата ние можеме да видиме повеќе национален осет отколку денес. Денес имаат инстинкт само да крадат“, рече Василевска.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2023 05:35