Поранешниот најдобар светски тенисер, Шпанецот Рафаел Надал, објави денеска дека ќе им се врати на натпреварувањата и ќе настапи на турнирот Бризбејн Интернешнл, кој се одржува јануари и служи како загревање за Австралија Опен.

Освојувачот на 22 грен – слем титули последен пат се појави на тенискиот терен во јануари годинава кога се откажа во второто коло поради проблеми со колкот.

„По една година отсуство од натпреварувањата, време е да се вратам“, рече Надал во видео објавено на социјалните мрежи.

„Ќе бидам во Бризбејн, првата недела од јануари. Се гледаме таму“, порача шпанскиот тенисер.

Надал претходно изрази желба уште еднаш да настапи на Ролан Гарос и да ја претставува Шпанија на Олимписките игри во Париз идната година пред да се повлече на крајот на својот 23 сезона во професионалниот тенис.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2023 04:01