Наградниот фонд на Австралија Опен е зголемен за 13 отсто и изнесува 59.1 милиони долари, објавија денеска организаторите на првиот сезонски грен – слем турнир кој почнува на 14 јануари во Мелбурн.
„Го зголемивме наградниот фонд за секое коло на Австралија Опен, со големи зголемувања во квалификациите и воведните рунди во поединечна конкуренција и во двојки. Клучно за продолжување на успехот на Австралија Опен е најдобрите играчи во светот да добијат соодветен надомест, бидејќи знаеме дека тоа на тенисерите им овозможува инвестирање во сопствените кариери и во многу случаи им помага во остварување на успех во текот на целата сезона“, изјави директорот на грен – слем турнирот во Мелбурн, Крег Тилеј.
Настапот во првото коло на тенисерите ќе им донесе награда од 82.000 долари, додека победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 2.1 милиони долари.
Во квалификациите на женскиот турнир ќе настапи и најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа.
Изминатата сезона наградниот фонд на Ролан Гарос изнесуваше 54.9 милиони долари, на Вимблдон 56.9, а на Ју Ес Опен 65 милиони долари.