Во рамки на празнувањето на денот посветен на Свети Атанасиј Велики, архиепископот Алесандриски во тетовскиот регион во храмот посветен на овој светец во Долно Седларце се одбележа јубилеј 40 години од осветувањето на црковниот објект.

Беше отслужена Света Божествена Литургија на која чиноначалствуваше надлежниот епархиски архијереј Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Црковниот одбор на својот владика по повод јубилејот на храмот му подари архиерејска митра-круна.

- Низ овој период од 40 години во овој храм се случиле безброј радосни моменти, тој бил место каде што сите вие го наоѓате вашиот животен спокој. Затоа секој од нас треба да се труди и во иднина да го чува и запази овој храм, кој го изградиле Вашите предци и го оставиле на вас, а вие пак како залог треба да се трудите овој заеднички дом да го сочувате за вашите чеда и внуци, кои доаѓаат после вас. Храмот е најголемото заедничко наследство кое една генерација може да го добие од своите предци. Храмот е духовно лечилиште, место, каде што сите заедно како црковна заедница се осветуваме и богоуподобуваме за да го здобиеме вечниот живот, истакна во пригодната беседа владиката г. Јосиф.

Црквата Свети Атанасиј во Долно Седларце е почната со градба во 1979 година и завршена по пет години работа. На 31 јануари 1984 година осветувањето го извршил тогашниот митрополит полошко-кумановски г. Кирил (1934-2013)

Празникот посветен на Свети Атанасиј Велики го одбележаа повеќе храмови кои го носат името на светецот во тетовскиот регион кои се наоѓаат во Брвеница, ридот Балтепе кај Тетово, Требош, и Ратае



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2024 04:04