Македонскиот институт за медиуми (МИМ) го објави конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2023“.
На конкурсот, кој ќе биде отворен до 26 февруари 2024, може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.
Ќе бидат доделени награди за најдобра истражувачка сторија – прва, втора и трета награда, најиновативен новинарски производ (една награда) и најдобра репортерска фотографија (една награда).
Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2023 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во државата.
Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу три различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози.
Секој фоторепортер може да учествува со најмногу три фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. На конкурсот се прифатливи и фотографии објавени во странски медиуми, но тие треба да се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2023) година во Северна Македонија.
Повеќе информации за критериумите и начинот на аплицирање се достапни на веб-страницата на МИМ: https://mim.org.mk/mk/novosti/1495-novinarski-nagradi-nikola-mladenov-2023