Ренџерската служба на ЈУ Национален парк „Пелистер“ изврши прихрана на дивечот на три локалитети во истоимениот национален парк.
Во изјава за МИА Дејан Стефковски, вработен во Секторот за заштита и мониторинг на природните ресурси во Националниот парк „Пелистер“, истакна дека прихраната се извршува заради недостиг од храна во природата.
-Прихраната ја извршија тимови од нашата ренџерска служба кои на три локации во националниот парк, односно на Вртушка, Пелиска и Брајчино, каде во хранилиштата ставија пченка, пченица, минерали и сол за ситниот и крупниот дивеч. Исто така, стотина килограми зрнеста храна се оставени на повеќе позиции во локалитетот за прихранување на ситниот прелетен и крупниот дивеч. Прихраната се извршува заради недостиг од храна во природата, изјави Стефковски.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ потврдија дека со поддршка на Фондацијата ПОНТ наскоро ќе бидат обновени старите и поставени нови хранилишта за дивечот во националниот парк „Пелистер“.
-Со подобрување на временските услови и намалување на снежната покривка која на планината Баба во моментов е висока, ќе почнеме со поставување на нови хранилишта. Средства за обнова и за нови унифицирани хранилишта добивме од фондацијата ПОНТ и тие ќе се постават на повеќе места, односно над Нижо Поле, атарот на Цапари, Вртушка, Брајчино и други локации на националниот парк „Пелистер“, потврди Стефковски.
Во рамки на меѓународната соработка на ЈУ Национален парк „Пелистер“ со национални установи од Хрватска и Црна Гора, наскоро ќе почнат проект за заштита и мониторинг на кафеавата мечка која живее на планината Баба бидејќи, како што информираа, оваа мечка заради големината, односно нејзиниот раст, предизвикува посебен интерес кај експерти од странство и за таа цел, во атарот на селото Цапари ќе биде направена посебна мониторинг куќарка.