Комисијата за еднакви можности на жените и мажите одржа консултативна средба, каде се изврши основање и промовирање на Интерпартиска парламентарна група (ИППГ) за правата на еднородителските семејства и самохрани родители, информираат попладнево од собраниската прес-служба.

- Ова тело во Собранието ќе се ангажира и заложува кон унапредување на статусот на еднородителските семејства, самохрани родители, девојки и жени од маргинализираните групи. Приоритети во работата ќе бидат обезбедување ефикасни и ефективни правни и институционални механизми за заштита од дискриминација, насилство и говор на омраза врз основа на семејна конструкција, подобрување на образовните политики и програми, унапредување на правата на оваа група луѓе и овозможување достоинствен живот, се појаснува во соопштението.

Иницијатори за формирањето се Здружението на еднородителски семејства „Една може“ од Скопје и Мрежата за родова еднаквост, спречување на насилство, борба против дискриминација и залагање за подобрување на статусот на самохраните родители „ЈунајтедФем“, со поддршка од педесетина пратеници - потписници на барањето.

- Инспиративен говор одржа Дороти Пачкова од Здружението „Една може“, која рече дека ова е историски настан, што ќе отвори нов прозорец кон светот по машка, но и женска мера. Основањето на оваа ИППГ ќе овозможи законите да бидат во служба на граѓанките. Пачкова и самата како самохран родител и сведок на многу преживеани искуства, го посвети овој настан на сите самохрани мајки, што изминаа трнлив пат, со гласно говорење до овој ден на формирање прво парламентарно тело посветено на овие жени, како пионерки во регионот. Силата на една нација лежи во зајакнување на сите нејзини граѓанки, рече Пачкова, а со ова се испраќа порака дека е важен гласот на самохраните мајки и заедно ќе изградиме општество во кое секоја ќе има можност да се развива, се додава во соопштението.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Гордана Сиљановска - Давкова искажала задоволство од конечното формирање на оваа ИППГ и за претседателка на истата ја предложила пратеничката Ели Панова, а за потпретседателка - пратеничката Марија Костадинова, нешто едногласно прифатено од присутните.

- По тој повод, Панова истакна дека формирањето може доцни, но, беше неопходно и еве се почнува. Многу сме силни, секој ден го докажуваме тоа, но живееме во едно недоволно зрело општество, рече Панова, продолжувајќи дека со искрени заложби и работа во оваа ИППГ, надпартиски, ќе докажеме дека може да се направи напредок. Кусо обраќање имаше и Костадинова, во кое исто така вети заеднички труд, посветеност и борба за оваа група луѓе, чие секојдневие е борба. На крајот, претседателката на Комисијата, Сиљановска - Давкова, посака плодна работа и убеденост дека отворањето на портите на Собранието за граѓаните, за невладиниот сектор и граѓанските организации, го разбиструваат умот, ги продлабочуваат чувствата и нѐ прават подобри луѓе, наведуваат од собраниската прес-служба



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2024 18:39