Министерството за економија соопшти дека поради голем интерес се затвора јавниот оглас за ваучери за купување на високоефикасни инвертер клима уреди во домаќинствата. До 15 февруари останува отворен јавниот оглас за ваучери за инвертер клима уреди за ранливите категории на граѓани.

- Во архивата на Министерството за економија за само четири дена откако беа објавени јавните повици пристигнати се над 9.000 апликации по Јавниот оглас за доделување на потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди во домаќинствата за 2024 година, (директно во Архивата на Министерството за економија и по пошта), за што ја надминува проценетата бројка од над 7.000 домаќинства кои може да добијат ваучер за инвертер клима уред согласно предвидените средства, информираат од Министерството за економија.

За доделување на ваучери за инвертер-клима уреди согласно Програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година предвидени се 210.000.000 денари, додека за ваучери за ранливите категории на граѓани 45.000.000 денари. За двата јавни повика вкупно се предвидени 4,1 милион евра.

Согласно јавниот оглас за ранливите категории на граѓани предвидени се ваучери за инвертер клима уреди од 27.000 денари за лицата со ниски примања за самец (вкупни приходи до 21.000 денари), домаќинство со два члена (вкупни приходи од 30.000) и домаќинство со три члена (вкупни приходи од 35.000 денари), а ваучер од 30.000 денари за лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена (вкупен приход од 40.000 денари) и домаќинство со пет члена и повеќе (вкупен приход од 45.000 денари).

За јавниот оглас за ваучери за инвертер клима уреди за домаќинствата предвидени беа ваучер од 25.0000 денари по домаќинство за оние кои живеат на територија на општините на Пелагонискиот регион (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и Југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), а ваучер од 23.000 денари беше предвиден за Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2024 20:35