Техничкиот министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски од денеска почнува со редовна обиколка на центрите за социјална работа ширум државата. Како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика, тој ќе разговара со стручните работници во овие институции за да ги слушне проблемите со кои се соочуваат.
- Сметам дека инвестирањето во овие хумани професии е клучот за да имате задоволни корисници во системот на социјална заштита. Луѓето биле заборавени со години, немало систем на вреднување на нивниот труд. Кога владее апатија меѓу вработените, не можете да очекувате од нив да го дадат најдобриот дел од себе во решавањето на проблемите на народот, а проблеми има многу, изјавил Велковски денеска од Тетово, се наведува во соопштението.
Тој денеска во Тетово разговарал и со граѓани кои чекале пред вратите на Центарот за социјална работа и најавил редовни посети на сите центри за социјална работа ширум државата со цел изнаоѓање решенија за предизвиците и проблемите во ресорот кој тој го покрива во овој период.
- Граѓаните бараат некој да ги слушне. Едноставно имаат потреба од помош во состојба на немоќ. Ние сме сервис на граѓаните и институциите мораат да бидат достапни и транспарентни. Не смее никој да биде игнориран од системот. Ние постоиме за нив, рекол техничкиот министер Велковски, се додава во соопштението од Министерството за труд исоцијална политика.