На овогодинешниот меѓународен ден за побезбеден интернет што се одбележува како глобална иницијатива за промовирање побезбеден и подобар интернет за сите корисници, особено за децата и младите, УНИЦЕФ ги повикува сите чинители да ги зголемат напорите за заштита на децата од растечките ризици на интернет.

Повеќе од 400 деца и млади од Македонија учествуваа во анкетата на U-Report за безбедноста на интернет, спроведена во 2023 година. Една третина (31 отсто) од испитаниците изјавиле дека доживеале булинг преку интернет. 8 отсто сметаат дека основна причина зошто опстојува онлајн-насилството е недостиг од информации и знаење, додека дури 41 отсто веруваат дека инсититуциите не го сфаќаат сериозно проблемот.

Растењето онлајн нуди неограничени можности децата да учат, критички да размислуваат, да градат вештини и да се изразуваат преку интернет. Според последните податоци (ДЗС, 2023) практично сите (100 отсто) млади на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет и речиси сите (97 отсто) го користат секојдневно по неколкупати.

Сепак, долгото време што децата го поминуваат на виртуелните платформи може исто така да ги направи поранливи на сајбер-малтретирање и други форми на насилство од врсници, говор на омраза и изложеност на штетни содржини – во кои спаѓаат и пораки со кои се поттикнува самоповредување, па дури и самоубиство.

Најалармантна е зголемената закана од сексуална злоупотреба и експлоатација, вклучувајќи грабнување и трговија со деца. Според податоците од истражувачкиот проект Disrupting Harm се проценува дека милиони деца биле жртви на онлајн сексуална експлоатација и злоупотреба во тринаесетте земји учеснички во истражувањето од 2020 година.

На децата им треба поддршка за да станат одговорни дигитални граѓани; родителите треба да бидат оспособени за разговор околу чувствителни прашања со своите деца, а властите имаат моќ да обезбедат системи за заштита на правата на децата на интернет.

Во својот најнов извештај (2022) Комитетот за правата на детето ги поздравува мерките што ги презеде земјата за справување со насилството врз децата, вклучително и законодавните реформи, усвојувањето на Националниот план за акција и ратификација на дополнителни меѓународни конвенции. Но тој исто така ја повикува земјата да преземе насочени активности како одговор на сексуалната злоупотреба и експлоатацијата на децата преку интернет.

Исто така, Комитетот укажува на потребата од распределба на доволно човечки, технички и финансиски ресурси за спроведување на Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020–2025) и воспоставување систем за задолжително известување, истрага во која ќе се вклучат повеќе институции и која ќе биде сензитивна кон децата во сите случаи на насилство врз деца – вклучително и во дигиталната средина.

Во извештајот (2023) за напредокот на земјата кон пристапувањето во ЕУ, и Европската комисија се укажува на потребата од натамошни напори за подигање на свеста за насилството врз децата кај јавноста и кај професионалците. Информирањето и ангажирањето на децата околу ризиците на начин што одговара на нивниот развоен капацитет претставува критична одбрана и камен-темелник во упатствата на Комитетот за правата на децата во врска со дигиталната средина.

Заштитата на децата од онлајн-насилство налага холистички пристап, синергија меѓу јавниот и приватниот сектор, како и вклучување и учество на младите. Неопходна е соработка меѓу секторите здравство, образование и заштита за да се реализира образовна програма за децата и родителите, вклучително и пристап до телефонска линија за помош, а службите во сите сектори треба да бидат информирани за доживената траума на децата со цел стручните лица да бараат предупредувачки знаци на насилство и соодветно да реагираат. Претпријатијата имаат одговорност да ги почитуваат и да ги поддржуваат правата на децата преку своите производи и услуги, и да се погрижат правото на децата на заштита од насилство да биде втемелено во нивната деловна практика.

На овој Ден за побезбеден интернет, УНИЦЕФ ги охрабрува децата и младите на возраст од 14 до 24 години да продолжат да го креваат гласот и да учествуваат во новата анкета на U-Report (2024) на Денот за побезбеден интернет за да ги споделат своите мислења и искуства онлајн, како и да дознаат повеќе за своите права во дигиталната средина и да се здобијат со практични знаења за тоа како да бида безбедни онлајн.

УНИЦЕФ во Северна Македонија



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2024 21:05