Над 900 воспитувачки, негувателки, но и директори во детските градинки во земјава чекаат од 2020 година да добијат лиценца, со којашто ќе може да се вработат во градинките, информираше техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски при денешната посета на Општина Штип. Тој истакна дека ова е сериозен проблем со кадарот во детските градинки.

-Тоа е проблем со којшто се зафатив јас лично како министер и мојот тим да го отвориме како прашање бидејќи стигнаа веднаш информации до нас дека голем дел од оние коишто поднеле како барање за да полагаат за лиценци од воспитувачи, негуватели па и директори коишто ги обноват своите лиценци или да се стекнат со нови нормално се заглавени во еден процес на Министерството каде што нема избрано фирма којашто ќе го прави ова лиценцирање и за жал, за тоа прашање никој не се заинтересирал наназад овие месеци. Овие луѓе, од прилика над 900 вакви случаи од 2020, 2021, 2022 и 2023 сè уште за жал чекаат да бидат повикани и да се стекнат со лиценца за да може да влезат во еден процес на огласи и слично во самите детски градинки кај што ќе бидат распишани, изјави Велковски.

Тој најави дека многу брзо ќе понуди и решение за проблемов и ќе излезе со анализа колку негувателки, воспитувачки, но и технички персонал недостасуваат во градинките во земјава. На новинарско прашање: Дали има првични информации, зошто не работела Комисијата за лиценци, Велковски со одговор дека Комисијата за лиценцирање работела само на оние тековни обнови на лиценци, и како што рече на оние коишто веќе се стекнале и каде што има процес на обнова.

-Меѓутоа самиот процес се одвива преку јавен повик преку Бирото каде што се одбира оператор којшто го врши лиценцирањето. За жал, истиот, договорот завршил. Меѓутоа, од завршувањето на договорот до денеска не е распишан нов повик, така што тука во тој дел е заглавен. Се сега, нашето решение ќе биде, ви кажав, ќе ни оставите ден-два за да го дадеме решението коешто сметаме дека е најдобро и најбрзо може да го реши проблемот на овие над 900 лица коишто чекаат, вели Велковски.

Прашан за проблемот со негувателките и воспитувачки во детските градинки во Струга, каде што пред извесно време имаше и протести, техничкиот министер за труд и социјална политика, Велковски вели дека со години воспитувачките и негувателките кои протестираа зеле паричен надоместок од 10.000 денари.

-Што е жално да во 21 век зборуваме каде што минимална плата е утврдена по закон во нашата држава. Така што, таму веќе заедно со мојот тим ја искомунициравме градинката, им укажавме за принципот како да најдеме решение на проблемот и да достават барање за согласности. Очекувам деновиве истото да го направат сами во градинката и директорката да можеме ние да го процесуираме истото до Министерството за финансии и очекуваме да се добие согласност и да биде решен статусот на овие негувателки и воспитувачки што се во рамките на таа градинка, истакна Велковски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека во штипските градинки сериозен е проблемот со недостаток од кадар.

-Две години сите испразнети места по основ на пензионирање не се пополнуваа затоа што немавме комуникација со министерството за труд и социјална политика (МТСП), односно барањата со согласности не беа одобрени од страна на Министерството, но не само барањето за согласности за пополнување на испразнетите места, туку и можноста за добивање на лиценци за воспитувачи и негуватели беше ускратена како право и практично бевме дискриминирани на штета на најмладите генерации, на дечињата. Повеќе од 60 места коишто се испразнети по основ на пензионирање беа побарани од наша страна кон МТСП во изминатите две години за да бидат пополнети за да не биде доведен во прашање воспитно-згрижувачкиот процес, рече Јорданов.

Штипскиот градоначалник, Јорданов денеска најави и дека деновиве ја очекуваат согласноста за да во простории на подрачното училиште во населбата Три Чешми почнува згрижувањето на децата во рамките на градинката „Вера Циривири-Трена“-Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2024 22:29