Бројката со заболени од грип во Струга и Струшко полека се намалува, покажува евиденцијата на Центарот за јавно здравје - Охрид.

Јованка Стурлакова Коровешоска, епидемилог во Центарот за јавно здравје во Охрид информира дека според податоците што ги добивале на неделна основа најмногу заболени имало во средината на јануари. Но, бројките на болни, според неа, не се реални бидејќи дел од пациентите не бараат лекарска помош. Во првата недела од јануари пријавени биле 18 болни од грип, додека втората недела бројката се дуплирала на 36. Потоа, следува намалување.

- Болни има, но бројката што стига кај нас неделно не е реална, дел од пациентите не бараат лекарска помош. Минатата седмица, односно првата недела од февруари пријавени се 19 заразени со грип. Најмногу заболени со вирози има после Нова година. Кај брисевите од болните бил идентификуван тип инфлуенца АХ1, истакна Стурлакова Коровешоска.

Најголем процент од болните, забележа дека се лица од помладата популација, додека кај повозрасните поретко е регистриран грипот.

- Повозрасните најчесто се вакцинирани и тие и да заболат се со многу лесна клиничка слика и можеби и не бараат лекараска помош, заклучи Стурлакова Коровешоска.

Таа информира дека случаи со голема кашлица сеуште не се регистрирнаи во регионот, а незначителен е и бројот на лица болни од ковид, едно до две неделно, а некогаш и ниту едно.

Потсети дека остануваат препораките за хигиена на рацете посебно кај школските деца, конзумирање здрава храна, повеќе витамини, претстој на чист воздух и физичка активност.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2024 23:35