Почна изградбата на сообраќаен парк во клонот „Цветови“ при детската градинка „Астибо“ во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и техничкиот министер за труд и социјална политика, во Владата на Република Северна Македонија, Ѓоко Велковски денеска извршија увид во градежните работи.

Јорданов изјави дека станува збор за нова содржина што се прави првпат во детска градинка во Штип, со што се овозможува подобра едукација и забава на дечињата.

-Се наоѓаме во еден од клоновите при детската градинка „Астибо“. Овде се работи на една нова содржина тоа е сообраќаен парк, кој се надевам дека ќе овозможи дополнително анимирање и социјализација на младите генерации, на дечињата. Се надевам дека во наредните недели ќе биде завршен овој проект, вели Јорданов.

Околу 900.000 денари се издвоени од буџетот на Општина Штип за реализација на овој проект. Директорот на детската градинка „Астибо“-Штип, Илија Митров истакна дека сообраќајниот парк ќе биде со образована, забавна и едукативна цел за дечињата, со што побезбедно ќе учествуваат во сообраќајот.

-Оваа идеја потекнува од стручниот колегиум. На наше барање градоначалникот го прифати предлогот, добивме финансиски средства и почнавме со негова реализација. Ова е прв ваков сообраќаен парк кој ќе се реализира и е повеќе наменски. Има образована, забавна и едукативна цел за децата. Децата ќе можат од најмала возраст да се стекнат со знаење кои ќе и помогнат да учествуваат во побезбедно во сообраќајот, рече Митров.

Паркот ќе го користат децата од детската градинка „Астибо“ Штип, за проекти повразани со сообраќајот, во оваа градинка и нејзините клонови низ населбите се згрижени 800 дечиња, од кои 180 се во клонот „Цветови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2024 00:12