Три деца од Куманово, две од исто семејство на четиригодишна возраст и 13 месеци и уште едно 18 месечно дете се заболени од пертусис, информираа денеска од Центарот за јавно здравје Куманово. Тринаесетмесечното бебе се лекува во Козле, 18 месечното е на приватна клиника, a четиригодишното дете е на домашна тепарија. Ниту едно од децата не посетува градинка.

-Сите се лабораториски потврдени случаи и се невакцинирани деца. Останува нашата препорака да се вакцинираат децата, изјави доктор Едита Рамизи од ЦЈЗ Куманово.

Во Куманово опфатот со вакцината против голема кашлица, пертусис е недоволен, информираа претходно од Здравствен дом, детски диспанзер. Надлежните велат болеста е загрижувачка и ги повикаа родителите навремено согласно календарот да ги вакцинираат децата.

-Куманово е еден од градовите каде се намалува процентот на имунизирани деца. Антивакциналната кампања, придонесе да се вратат исчезнати болести, како пертусис кои можат да предизвикаат сериозни последици, па дури да бидат и фатални, изјави д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од диспанзер Куманово.

Болеста, како што објаснува докторката, меѓу луѓето е позната како „црна кашлица“ или „магарешка кашлица“ и е акутно заболување, мошне заразно. Инкубацијата трае од 7 до 14 дена. Првин се појавува течење нос, зарипнато грло, покачена температура, после болеста напредува и е препознатлива со карактеристично ноќно кашлање предизвикано од инфекцијата која ги напаѓа белите дробови.

-Почнува да се лачи слузта поинтензивно не постои можност за искашлување, кашлицата е иритативна, досадна кашлица може да предизвика компликации бронхопневмонија, воспаление на средно уво, енцефалитис. Може да се јави и крв, зашто е многу напорна кашлица. Може да доведе до фатален исход, вели Богоевска-Димитриевска.

Болеста освен кај бебињата може да предизвика и сериозни компликации кај возрасните со коморбидитети. Но, особено страдаат најмалите, оние кои не се вакцинирани. Вакцинираните пак, можат да се заразат ама поминуваат со послаби симптоми.

Лекарите велат дека најефикасна мерка за заштитата од болеста е имунизацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2024 18:46