Во велешкиот поширок регион и сите населени места од општините Велес, Градско и Чашка досега не е регистриран ниту еден случај на заболен од пертусис или познат како „Магарешка кашлица“, информира за МИА епидемиологот д-р Билјана Трајкова од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.
Таа појасни дека ова се должи на големата опфатеност со вакцинација на децата од Велес и велешкко.
Д-р Трајкова информира дека според анализите и евиденцијата на ЈЗУ Центар за јавно здравје, опфатот на вакцинација на школски деца е со високи 98 процети, со што Велес и велешко е на врвот на вакцинација на деца во земјава.
Нешто помал процент е регистриран и кај претшколските деца, но и тој е задоволителен, а неделава е во пораст, оценува д-р Трајкова.
Инаку, во ЈЗУ Здравствен дом во претшколски дизспанзер по објавениот повик неделава се јавиле голем број на родители кои ги донеле своите претшколски деца на вакцина и ревакцина, информира за МИА д-р Марина Тодоровска, раководител на Одделот за претшколска превентива. Таа ги повикува и останатите родители кои досега не ги вакцинирале децата, да дојдат во нивната амбуланта и да ги вакцинираат и така да ги заштитат од оваа болест.
Д-р Тодоровска информира дека во 2023 година опфатот со една ревакцина изнесува 79,3 проценти ,односно во селата е поголем со 95,7 проценти, а во градот помал со 70,9 проценти. Таа информира дека опфатот со првите три дози е задоволителен и изнесува околу 95 проценти.
Инаку, опфатот за школска возраст со оваа вакцина е висок, со 98 отсто, информира за МИА д-р Лидија Проданова, раководител на Одделот за Училишна превентива при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Таа информира дека тие ја вршат втората ревакцина која е на седум години, на училишна возраст во второ одделение.
Таа очекува до петок идната недела сите школски деца во Велес и велешко да бидат сто проценти ревакцинирани со вакцина против пертусис.