Стотина ангажирани со договор на дело во Прилепската болница денеска излегоа на едночасовен штрајк барајќи Министерството за финансии итно да ги потпише согласностите за нивно вработување. Тие велат дека во моментов нивниот статус никако не е решен зашто не се потпишани ниту новите договори на дело кои вообичаено ги добивале на почетокот на јануари. Проблемот, според нив, е што не потпишува дополнителната заменик-министерка за финансии.

-Жалосно е што нашето прекинување на работните задачи, за кои моментално немаме ниту договор кој вообичаено се потпишува во почетокот на февруари, трпат пациените. Од медиумите дознавме дека согласност за договорите на дело и согласност за нашето вработување во редовен работен однос се во фиока кај дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова. Од владата се обезбедени сите согласности, но пречката е во министерството за финансии. Ставете го вашиот потпис денес, драга министерке, на таа согласност зашто сите рокови изминуваат. Станува збор за персонал од преку 100 луѓе, изјави Благоја Јагуриноски, ангажиран во болницата со договор на дело.

Снежана Илиеска, медицинска сестра во гинеколошко-акушерското одделение вели дека имаат одговорности, но без решен статус е речиси правно неиздржано.

-Работам три години со договор. Вклучена сум во смени, ноќни и денски дежурства. Моментално сме без никаков статус и без никаков договор правно не сме заштитени да ги одржуваме ноќните и денските дежурства, изјави Илиеска.

Од Независниот синдикат на болницата изјавија дека Парламентот тоа може да го реши, ако денеска или утре итно донесе законски измени.

-Во целост ги поддржувам протестите на ангажираните со договор на дело. Апелирам до сите институции да не се манипулира со чувствата и маките на вработените. Единствен начин на кој може да се реши проблемот е носењето закон за трајна трансформација, во овие два дена. Ги повикувам пратениците итно да донесат закон за трансформација, изјави Дејан Јованоски, претседател на Независниот синдикат на јавна администрација при ЈЗО Општа болница-Прилеп.

Менаџментот на болницата ја дава целосната поддршка на персоналот.

- Како институција ЈЗУ Општа болница со проширена дејност ги има запазено сите рокови. До надлежните институции поднесени се сите барања, сите табели и останатите пропратни документи. Донесена е одлука на Влада и момент на техничка влада. Апел до министерката Елена Петрова, да се одважи и да го ослободи започнатиот процес за вработување на овие луѓе. Луѓе, кои секојдневно помагаат на прилепчани и на жителите од соседните општини. Болницата без овие луѓе не може, застанува, нема кадар, изјави Кети Смилеска, директорка на Општа болница – Прилеп.

Ангажираните со договор на дело кои во моментот немаат никаков статус најавија дека доколку не им се излезе во пресрет, ќе протестираат пред Министерството за финансии во Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2024 16:24