- Стариот градски пазар во Штип ќе се пренамени во паркинг простор. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека на овој простор ќе има четириесетина паркинг места. Одлуката е донесена од причина што овој пазар не бил искористен во полн капацитет, а можност за паркинг места има и со тоа што веќе се реализира проектот за нов и модерен пазар на друга локација.
-Со одлуката да направиме модерен современ Градски пазар на локацијата во населба Автокоманда и со покривањето на Градскиот пазар, како и со зголемувањето на капацитетите на оваа локација, веќе се отвори можност да се направи паркинг простор, затоа што сведоци сме дека од ден на ден се зголемува потребата за паркинг места. Центарот на градот се гуши, мораме да создадеме повеќе простор и за плановите коишто ги имаме за во иднина, а тоа е промената на сообраќајниот режим, вели Јорданов.
Дополнителните паркинг места ќе придонесат за реализација на други проекти. Еден од тие е улицата „Ванчо Прке“, да стане пешачка зона. Јорданов во претходна прилика посочи и дека улицата од Основниот суд во Штип до новиот кружен тек кој ќе се гради кај Суитлак ќе стане двонасочна, така што претходно се зголемува бројот на паркинг места.
-Пред да го изреализираме планираното, мораме да овозможиме да ги оспособиме локациите коишто се предвидени за паркирање, за да може повеќе граѓани да ги користат и да им бидат во функција. Овој паркинг простор според она коешто го предвидуваме со уредувањето и проширувањето ќе овозможи четириесетина возила да се паркираат, ќе биде и за жителите од овдешните станбени згради, но и за жителите коишто ги користат од централното градско подрачје. На овој начин сметаме дека ќе создадеме функционалност во нашиот град, изјави Јорданов.
Проектот се реализира преку јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“, а колкава е финансиската инвестиција ќе се знае по завршување на проектот.