Во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка од утрово продолжи наставата и 178 ученици од прво до деветто одделение се во клупите, по прекинот и бојкотот на наставата од страна на нивните родители од 23 ноември лани, поради формирање на паралелка на албански наставен јазик.

Од Советот на родители Цвета Пешова за МИА информира дека тие се задоволни од вчера донесената одлука на Владата, согласно која, како што рече, петте деца од прво одделение од новоформраната паралелка по албански јазик ќе учат во просторија во ООУ„Тодор Јанев“, но тие и нивиот наставник ќе бидат запишани во друго училиште во општината каде наставата се изведува на албански наставен јазик. Во меѓувреме за овие деца ќе се гради ново монтажно училиште во селото Бањица, кое треба да биде готово во текот на оваа календарска година.

Останатите 58 ученици од албанска националност од второ до деветто одделение од ООУ „Тодор Јанев“, како и досега повторно ќе учат во паралелките на македонски јазик.

Инаку, со донесената одлука ингеренциите на училиштето од МОН повторно ги превзема локалната власт на Општина Чашка, која ја разреши досегашната в.д директорка Елена Николова, а за нов в.д директор го назначи Бојан Ѓорѓиев, магистер по менаџмент во образование, кој досега бил одделенски наставник во ова училиште.

Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, кој денеска беше на увид на новоизграденото основно училиште „Визбегово“, во Општина Бутел, одговарајќи на новинарско прашање потсети дека вчера беше донесена одлука за формирање на ново училиште во Чашка, кое е решение, а кое го побарале граѓаните.

- Ние како Влада ја сменивме програмата во МОН, за да ставиме дополнително финансирање и сметам дека со тоа конечно ќе го решиме уставно загарантираното право за секое дете да учи на јазикот кој го зборува, истакна Битиќи.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2024 20:43