Во Штип сите автобуски постојки ќе добијат нов лик, најави денеска директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски. Тој истакна дека прво ќе се постават информативни табли за општинскиот линиски превоз и возните редови, а потоа и со дигитални табли и полначи. Јавното претпријатие „Стипион“ започна со обновата на автобуските постојки, нешто што во моментов е од полза на граѓаните кои го користат општинскиот линиски превоз.
-Како што најавивме претходно, со подобрувањето на временските услови се отпочна со обнова и ревитализација на автобуските постојки во градот. Во прва фаза ќе се реконструираат и ребрендираат, ќе се заменат сите оштетени делови, ќе бидат објавени информативни табли со сите за граѓаните за возните редови и термини, а во идно време ќе добијат еден модерен лик и со дигитални табли и полначи за смарт уреди, рече Стефановски.
Тој ги повика и компаниите да го рекламираат својот бренд на автобуските постојки, со што ЈП „Стипион“ ним ќе им ги даде на закупување.
-Најголемиот дел од автобуските постојки се на атрактивни локации во градот, со голема видливост и посетеност од граѓаните и се одлична можност за компаниите да ги искористат како атрактивна рекламна површина и со нивно закупување на најдобар можен начин да го презентираат својот бренд или производ пред граѓаните, рече Стефановски.
Тој додаде дека на овој начин Јавното претпријатие „Стипион“ ќе има и приход од компаниите, кој, пак, понатаму,ќе го искористат за обнова и подобрување на целата оваа дејност.