За целосна и вистинита информираност на јавноста, Агенцијата за катастар на недвижности укажува на следните факти:

Цената на имотниот лист кој го издава Агенцијата за катастар на недвижности, а се однесува на имотот на граѓаните останува непроменет и тој изнесува, како и до сега 250 денари. Секоја манипулација со други паушални суми е невистинита. Забуната што некои медиуми ја создадоа се однесува на првиот упис на имот во Катастарот. Тој чини 1250 денари по имотен лист. Во претходниот Тарифник овој надоместок се наплаќаше по правен основ, односно поднесено барање и во еден правен основ можеше да се содржани неограничен број на имотни листови. Сегашниот надомест останува непроменет, но се однесува на еден имотен лист. Овој надоместок се наплаќа само при првиот упис и кога се менува сопственикот. Секое следно вадење имотен лист останува со цена од 250 денари.

Воедно, ја информираме јавноста дека со овој Тарифник е извршено намалување на цените на податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем во катаегоријата геодетски точки, сервисите на МАКПОС, податоците од катастарот на земјиште, податоците од Регистарот на просторни единици се бесплатни, а копијата од катастарскиот план исто така е со намалеена цена.

Следејќи ги современите европски трендови, Агенцијата за катастар на недвижности креираше и отворен сет на бесплатни податоци кој може да се користи од страна на граѓаните, приватниот сектор и други заинтересирани. Листата на отворени податоци, за кои не се наплаќа надоместок е опишана во член 7 од Tарифникот за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информационен систем, како и за издавање на овластување за изработка на картографски производи и за висината на надоместокот за издавање на согласност за ставање во употреба на картографскиот производ.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2024 17:00