Финализираа градежните активности во Усје, во местото познато како Крст. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја посети оваа локација, која сега претставува рекреативен простор со бројни содржини. На 800 квадратни метри е извршено целосно партерно уредување, поставена е урбана опрема, изградено е детско катче, поставено осветлување, информираат од Општина Кисела Вода.
Оттаму информираат и дека за прв пат Општината го асфалтираше и патот што води до овој нов простор за одмор, дружење и за рекреација, кој има површина од околу 750 квадратни метри.
-Завршивме со целосното партерно уредување на местото викано Крст во Усје и со тоа овоможивме нашите жители да добијат ново место за рекреација и дружење. Овој простор, го оплеменивме со парковско зеленило, поставивме клупи и корпи за отпадоци, изградивме детско катче и ново штедливо осветлување. Особено е значајно тоа што за прв пат, патот што води до овој простор го асфалтиравме, што го прави лесно достапен за сите граѓани. Сметам дека секој човек има право на квалитетно проведено време во природа, и затоа во овие две години неуморно работиме за тоа да го овозможиме, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Посветеноста, додава тој, резултираше со преку десет нови спортско-рекреативни центри во општина Кисела Вода, каде луѓето се дружат, спортуваат и уживаат во природата. Верува дека новоизградениот рекреативен простор во Усје, тука кај Крстот, ќе биде место каде што сите ќе можат да се сретнат, да разменат идеи и да уживаат во пријатната атмосфера.