Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и еден од наголемите активисти за правата на Македонците во Албанија, Васил Стерјовски од свое и име на партијата упати честитка по повод 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Тој меѓу другото порачува дека „македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија".

-Македонскиот јазик во Албанија денес се зборува во областа на Преспа (има настава на македонскиот јазик во училиштата), во областа Голо Брдо (имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948), во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол (настава на македонски јазик имало до 2014 година) како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други градови, наведува Стерјовски.

Додава дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.

-За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити, наведува Стерјовски.

Во овој контекст, додава, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската во Албанија, е многу поголем предизвик.

-Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Во овa точка државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. Ова може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик, посочува тој.

Нагласува дека освен тоа, и ние како поединци можеме да направиме промена ценејќи го и користејќи го нашиот мајчин јазик.

- Mајчините јазици треба да ги прифатиме како богат и важен дел од човечката култура. На овој начин можеме да помогнеме да ги зачуваме и заштитиме, порачува Стерјовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2024 04:10