Од денеска во просториите на Општина Илинден почна со работа едношалтерски систем, каде граѓаните ќе можат да поднесат документи на едно место.

Според градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски, со овој нов поедноставен концепт, граѓаните на едно место ќе можат да ги добијат сите информации како наједноставно да поднесат документ во делот на урбанизам, инспекторат, одделението за даноци, наплата на сметки од ЈКП „Водовод“ и ЈКП „Илинден“.

Како што информира Општина Илинден, овој проект овозможува скратување на времето на граѓаните за вадење на потребните документи и плаќање на сметките за вода и комунални услуги.

- Во изминатиот период воведовме сет мерки и активности за подобрување и на условите на вработените во општинската администрација во повеќе области. За таа цел набавени се нови 25 компјутери, седум принтери и скенери, 20 мобилни апарати и службени броеви. По долги години се изврши уредување и реновирање на работните простори, пришто се олеснува работењето на вработените, а се подобруваат и услугите кон граѓаните, изјави Георгиевски.

Градоначалникот Георгиевски нагласи дека првпат од кога постои Општината, во соработка со Државниот архив извршиле целосен опис и попис на архивскиот материјал од трајна вредност, како и документарен материјал со кои располага Општината. - Беа обработени вкупно 284 архивски кутии со архивски материјал од трајна вредност и 613 архивски кутии со документарен материјал со изминати рокови на чување, за кој беше добиена согласност од Државниот архив за негово уништување, рече Георгиевски.

На барање на вработените првпат е формиран и синдикат на вработените на општинската администрација. - Потпишан е колективен договор, со кој уште повеќе се унапредуваат работничките права, а зголемени се и личните примања на општинската администрација за разлика од државната администрација, како и други мерки и активности со цел подобрување на условите и услугите на локалната самоуправа, изјави градоначалникот Георгиевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2024 22:11