Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во видеоинтервју за „Еуромани“ посочила дека инфлациските трендови се позитивни, но дека централните банки и понатаму треба будно да ги следат движењата бидејќи сеуште има неизвеност и ризици.

Како што пренесува Народната банка, Ангеловска-Бежоска оценила дека инфлацијата во регионот на Централна и Источна Европа, како и во земјава, е намалена на едноцифрени стапки, како резултат на водењето затегната монетарна политика од страна на централните банки и стабилизирање на светските цени на примарните производи.

- Во регионот на Централна и Источна Европа инфлацијата се сведе од 16 на 5 проценти. Слична е ситуацијата и кај нас, каде што стапката на инфлација се намали на 3 проценти, од највисокото ниво коешто достигна околу 20 отсто, нагласила Ангеловска-Бежоска.

Таа истакнала дека последниот инфлациски шок не е од стандардна монетарна природа и дека многу фактори влијаеле, вклучително и нарушувањата во производството, трговијата, транспортот и цените на енергенсите, коишто придонеле за растот на инфлацијата.

Ангеловска-Бежоска посочила дека и покрај затегнувањето на монетарната политика од страна на централните банки, финансискиот сектор е стабилен, што се должи на мерките преземени од страна на централните банки по големата финансиска криза и стабилните биланси на банките со коишто влегоа во кризниот период.

- Банките влегоа во оваа криза со релативно солидна позиција, со силни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, коишто главно беа изградени пред пандемијата и оттогаш се одржуваат, оценила Ангеловска-Бежоска



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2024 18:33