Преку анонимни телефонски повици во четири грчки телевизии кусо пред 11 часот утрово, непознато лице или лица предупредиле за поставени бомби на четири различни локации во Атина, односно во грчкиот парламент и во амбасадите на САД, Израел и Египет, јави дописничката на МИА од Атина.

Во сите четири анонимни повици пораката била дека бомбите ќе експлодираат во 11.30 часот со што веднаш беше вклучен алармот во грчката полиција.

Единицата за деактивирање експлозивни направи веднаш излезе на терен, а онаму каде што беше потребно беа затворени и улиците.

Пред амбасадата на Израел, зголемено беше присуството на полицијата, која ги затвори околните улици, а во состојба на готовност беа и возила на противпожарната служба и на брзата помош.

Телефонските повици биле во телевизиите Алфа, Опен и Контра, како и во собранискиот канал за бомбата во парламентот.

Веројатно е дека и овојпат станува збор за лажно предупредување.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2024 19:02