Ќосе Ахмед Зекир паша е првиот валија на Битола, назначен во 1839 година во времето на отоманската империја. Ахмед Зекир бил со воен чин мушир-маршал. Податокот е пронајден во публикацијата „Кратка историја на Битолскиот вилает“, печатена во 1911 година, која ја напишал мајор Мехмед Тевфик, во тоа време директор на Воената гимназија во Битола.

Од 1839 година до 1910 година, во градот, како што тогаш се нарекувал Манастир (старословенски збор со значење – живеалиште), отоманската империја поставила 20 валии со титулата маршал, везир-министер , ферик-дивизиски генерал или паша.

Според хроничарите на градот, но и најновото дело на универзитетскиот професор во пензија д-р Трајко Огненовски, посветено на првите луѓе на градот од отоманскиот период до денес, најзначајниот период за градот под Пелистер е времето на владеење на битолскиот валија Абдул Керим паша, односно периодот од 1895 до 1901 година. Во своето владеење тој се прочул со осовременувањето на Битола, време во кое изградил зданија кои ден денес сведочат за т.н. „златен период“ на градот.

На почетокот од 19 век, во Битола, токму со наредба на Абдул Керим паша најнапред се регулира коритото на реката Драгор на чии брегови се градат високи камени ѕидови, а веднаш до нив засадени се високостеблести дрвја. Вискоите камени ѕидови го штители градот од поплави кои често ги предизвикувале надојдените води на реката Драгор, која како буица носела се пред себе. Од двете страни на реката, булеварската улица ја краселе бројни дуќани и важни објекти на тогашната управа, меѓу кои и зградата на дивизијата, денеска административна зграда на Општина Битола.

Населението со големо задоволство го прифатило и се вклучило во уредувањето на градскиот парк „Единство“ полн со клупи и фенери за што сведочи фотографија од колекцијата на битолчанецот Димче Најдов, потоа рекреативниот центар „Тумбе Кафе“ со прекрасна фонтана и кафеаната, чии остатоци потсетуваат на визионерот, но и на суровата реалност и негрижа која денес ја има на локацијата. Во 1897 година во Битола се градат театарот, хотелот „Ориент“, но и болница за бедни лица, дом за стари лица и рибниот пазар, а мандатот од шест години, Абдул Керим паша го завршува со поставување на темелите на Офицерскиот дом во Битола. Веднаш по Абдул Керим паша, за прв човек на градот, отоманската власт го назначува дивизискиот генерал Едип Паша, чиј мандат е од 1899 до 1900 година, а според хронолошкиот запис на Огненовски, во 1910 година Едип Паша е реизбран, но и завршува како последен валија во тогашен Манастир.

Во книгата Општина Битола – претседатели и градоначалници, професорот Огненовски го регистрира и периодот меѓу двете светски војни, во кои тогашните владетели и администрацијата, поставуваат 12 претседатели на општината, почнувајќи од Петар Лешнаревиќ се до Владо Ризев, а по ослободувањето, народната власт на Битола во 1944 година за прв претседател на градскиот народноослободителен одбор го поставува Крсте Р. Симовски.

Јубилеј – 80 години од изборот на првиот претседател на градот Битола во слободна Македонија

Годинава се навршуваат 80 години од изборот на првиот прв човек на Битола, настан кој според професорот Огненовски, се случил на првиот ден од ослободувањето на градот. Од тогаш, па се до денеска, нагласува Огненовски, сите избрани претседатели и градоначалници се со различен професионален персоналитет, но со иста мисла, градот Битола да го има епитетот значајно урбано јадро во нашата земја и да значи многу во регионални и меѓународни размери.

Првоизбраниот прв човек на градот, Крсте Р. Симовски на претседателската функција во Битола стапил на 4 ноември 1944 година, но веднаш по неколку месеци минати на функцијата, бил повлечен во Впадата на НР Македонија. Според истражувањата на професорот Огненовски, Симовски имал богата професионална кариера која од Битола продолжува во владата, односно во Министерството за просвета, а потоа на Земјоделскиот факултет во Скопје, каде во периодот 1971-1973 година ја врши функцијата декан на факултетот.

Веднаш по Крсте Р. Симовски, функцијата претседател на градскиот одбор, според посочениот редослед ја вршат Филип Михалиди, Ристо Манев, Лазо Хаџипоповски, Димитар Грданов, Томе Димитровски Ќосот, Јанку Влаху, Борис Трајковски-Лале, Мишко Божиновски, Ѓорги Ѓоргиев-Ѓуц, Јорго В. Ристевски, Драган Захариевски, Никола Бакулевски, Мито Пејовски, Павле Георгиевски, Владимир Георгиев, Борис Андоновски, Александар Талевски и Јован Аврамовски. Со прогласувањето на независност на Република Македонија, на првите повеќепартиски локални избори за претседател на Собрание на Општина Битола избран е Златко Милошевски, а потоа таа функција ја вршат и Спиро Филиповски, Михајло Ѓоргиевски и Дејан Ристевски.

Како што е познато, со донесувањето на Закон за локална самоуправа од 1996 година, во земјава на непосредни избори се избира градоначалник, а таа функција битолчани им ја доверија на Силјан Мицевски, Златко Вршковски, Владимит Талески, Наташа Петровска и на актуелниот градоначалник на Битола, Тони Коњановски.

-Секој претседател и градоначалник се грижел и се грижи да ги подобри условите во општината, зад себе да остави печат кој ќе донесе подобри можноста за развој и поубава слика за Битола. Граѓаните заслужуваат да знаат повеќе за луѓето кои раководеле со општината, за претседателите и градоначалниците, за резултатите постигнати во различни периоди, вели Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.

Во овој период, од 1996 година граѓаните непосредно освен градоначалник, избираат и членови на општинскиот Совет, а функцијата претседател на Советот на Општина Битола од тогаш до денеска ја вршеле пет претседатели од редовите на ВМРО - ДПМНЕ, двајца независни кандидати, и по еден од ЛДП и СДСМ.

Марјан Танушевски



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2024 06:10