Во завршна фаза е целосна реконструкција на училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров со што, како што наведува Општината, ќе се унапредат условите за квалитетно физичко образование на децата.
Во првата фаза од реконструкцијата подот во салата е заменет со гумиран, целосно е воведена нова вентилација и е направено бојадисување, а во втората фаза салата е oпремена со нови спортски реквизити.
Градоначалникот Александар Стојкоски во соопштение до медиумите истакнува дека наскоро очекува училишната сала да добие комплетно нов изглед по сите модерни стандарди.
-Нашите најмлади жители се нашата иднина и нема дилема кога станува збор за добро образование, особено проследено со физичка активност која е многу значајна од најрана возраст, наведува градоначалникот Стојкоски за проектот за санација на спортската сала во ООУ „Мирче Ацев“ кој се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.