Планинарката Мира Симоновски од Делчево на свои 74 години е дел од експедицијата на Клубот за планинарски спортови АЗОТ, кој започна високогорска акција за искачување на Килиманџаро.
Споделувајки ја информацијата за неверојатниот подвиг на Симоновски, од КПС „АЗОТ" на Симоновски и посакаа добро здравје и успешна експедиција.
-Од мое име и од име на клубот за планински спортови Азот, на нашиот член Мира Симоновски 74 години од Делчево и посакуваме мирен лет и лесни нозе, како и успешна експедиција. Највеќе од се и посакуваме добро здравје и да ја надмине висината од 5137м ( Арарат ) која ја достигна во 2020 год во организација на клубот, истакнаа од Клубот за планинарски спортови.
Во 2020 година на свои 70 години Симоновски стана највозрасна жена македонски искачувач на Арарат. Во изјава за МИА пред 4 години за време на нејзиното прво искачување на врвот Арарат, Симоновски рече дека покрај желба за да се искачи таков висок врв е потребна добра физичка подготвеност.
-За да се поместат границите треба да го сакаш да го направиш тоа што си намислил. Се разбира претходно треба да имаш добра кондиција за движење по секакви временски неприлики, истакна тогаш Симоновски која досега без проблеми во два наврати го има искачено врвот Триглав. За овој нејзин подвиг Симоновска неодамна доби финаниска поддршка од Советот на Општина Делчево кои го поздравија нејзиниот подвиг.