Со реновирање на внатрешноста на објектот, Општина Аеродром ја заврши втората фаза од проектот за реконструкција на објектот на клонот „Пчелка 2“ во населбата Лисиче, што е дел од детската градинка „Буба Мара“.
Од Општина Аеродром соопштија дека инвестицијата опфатила промена на подот, бојадисување на ѕидовите, промена на осветлувањето и комплетна реконструкција на останатите делови од внатрешноста.
Градоначалникот Муцунски кој денеска ја посетил детската градинка истакнал дека реконструкцијата на овој, но и други објекти за социјална заштита, се потврда за одговорниот однос кон јавните средства и грижа за дечињата во Аеродром. Тој нагласил дека унапредувањето на условите со ваков тип инвестиции ќе продолжи и во текот на целата година.
- Во првата фаза беше реконструиран надворешниот дел од објектот, а со целосното завршување на реконструкцијата, овозможивме енергетска ефикасност на објектот и подобри услови за дечињата кои се згрижени тука. Проектот се реализираше со средства од буџетот на Општина Аеродром, се наведува во соопштението.