Стружанецот Ангеле Илоски утре ќе трча од Струга до Охрид за поддршка на лицата со ретки болести.

Љубовта кон спортот реши да ја искористи за да искаже почит и поддршка за овие лица и нивните семејства со претрчување на рутата од хотелот „Боград“ во Струга, до охридскиот хотел „Су“.

Четиринаесет километарската рута, очекува да трае околу два часа. Вели дека нема да му биде многу тешка, затоа што трчањето е активност што секојдневно ја практикува, а на денот посветен на ретките болести ќе има посебна инспирација која ќе го однесе до целта.

- Идејата беше лично моја. Штом се работи за хумани иницијативи веднаш се сетив на тимот на хотел ,,Боград“, ги исконтактирав и веднаш се согласија да ме поддржат. Рутата ќе трае околу два часа. Мислам дека нема да ми биде многу тешко. Трчањето е моја култура на живеење, а сега имам дополнителен мотив. Мислам дека секој човек може да најде начин да се обиде да ја разбуди свеста за сите предизвици и потешкотии со кои се соочуваат ретките болести и нивните семејства, изјави Илоски.

Во овој хуманитарен подвиг на велосипед ќе го придружува Дејан Наумоски, а ќе ги следи и цел тим до крајната дестинација.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2024 21:49