Одговорната употреба на вештачката интелигенција може да ги подобри начините со кои што пристапуваме, анализираме и создаваме информации. Ова е една од пораките на третиот Меѓународен симпозиум „Медиумската писменост во доба на вештачката интелигенција: Проширување на границите на возможното“ што се одржува денеска во Скопје.

Според Александра Теменугова, програмска координаторка на Институтот за комуникациски студии, организатори на настанот, вештачката интелигенција е тема која што отвора многу прашања, а за која, како што рече, сѐ уште трагаме по вистинските одговори. Таа посочи дека токму тоа е една од причините зошто сме денеска тука, да одговориме на некои од тие прашања.

-Дали поентите креирани со помош на вештачката интелигенција е етички да се споделуваат на различни публики, дали сите граѓани умеат да подеднакво да ги користат придобивките од вештачката интелигенција, ги имаат ли потребните вештини, дали се доволни, што треба д асе направи, дали сме свесни сите ние за ризиците од употребата на вештачката интелигенција, наброја Теменугова.

Директорката на Канцеларијата за општ развој на УСАИД, Дон Кармин, истакна дека за да се стане медиумски писмен е сѐ посложено, со трансформирањето на дигиталните технологии и на медиумите.

-Брзиот развој и усвојувањето на нови технологии како што е АИ ги трансформира младите и општеството. Промовираме одговорна употреба на технологијата во сѐ што правиме. Со ова добиваме отворен безбеден и дигитален еко-систем кој што ги подобрува човековите права. Кога АИ се користи одговорно може да ги подобри начините со кои што пристапуваме, анализираме и создаваме информации, рече таа.

Дополни дека од дезинформациите не треба да нѐ штитат само владите, туку наставниците, приватниот сектор и дигиталното општество мора да учествуваат во ова.

На денешниот симпозиум учествуваат претставници на меѓународната академска заедница, истакнати експерти и истражувачи за медиумска писменост и вештачка интелигенција.

Тие ќе дискутираат за начините како образованието за медиумска писменост треба да држи чекор со брзите општествени промени кои ги носи вештачката интелигенција, и како младите можат и треба да се приспособат на овие промени преку учење вештини за медиумска писменост и за користење на алатките за вештачка интелигенција.

Симпозиумот е организиран како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ преку Институтот за комуникациски студии.

По воведните обраќања ќе се одржат две панел-дискусии посветени на „Општеството и медиумите во доба на вештачката интелигенција“ и „Прилагодување на образованието на новиот бран на технолошки промени“.

Симпозиумот ќе биде заокружен со работилница за вештачка интелигенција за млади „AICafé: Интерактивно учење и истражување“ на која ќе се направи преглед на најпопуларните алатки за вештачка интелигенција и како младите можат продуктивно да ги користат истите и да се заштитат од штетни влијанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/02/2024 18:01