И официјално заврши откупот на тутун од ланската реколта. Откупени се нешто помалку од 15 000 тони по просечна цена од 353 денари за килограм.

Според Државниот земјоделски инспекторат откупната кампања беше неочекувано турболентна.

-Во оваа кампања се откупија речиси 15 000 тони тутун по просечна цена од 353 денари. До утре ќе ги знаеме и точните податоци, но откупот моментално се заокружува на нешто помалку од 15 000 тони. Почна подоцна, прво тутунарите не го носеа за откуп тутунот, се случи да има два анекси на договорите помеѓу откупувачите и производителите, што е специфично, изјави Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Ваквата состојба укажа дека мора да има измени во законот за тутун, но и пожелно е да има либерализација во извозот. Процесот за законски измени е почнат со првиот состанок на 19 февруари во Министерството за земјоделство меѓу откупувачите претставници на Сојузот на земјоделските здруженија и на Инспекторатот. Почнаа да пристигнуваат предлог измени и ќе се формира работна комисија.

-Пред, сѐ, увидено е дека има проблем во начинот на договарање, утврдување на цените, улогата на тутунарите при договарањето на цените и, секако, можеби треба да се размиослува за либерализација во извозот на тутун. Тоа значи да се земе примерот на соседните земји и да не мора да важи за секој регистриран откупувач или преработувач на тутун да извезува тутун, туку да извезуваат и помали компании кои би обезбедиле извоз. Така, се надеваме, би се добила поголема конкурентност. Досега се тврдеше дека законот за тутун е добар, и беше, но последните реколти покажаа нешто сосема спротивно. Така што, дефинитивно мора да се работи на измена на Законот за тутун, рече Станкоски.

Сојузот на земјоделските здруженија кој откупната кампања ја оцени како катастрофална и не сака никогаш да се повтори, ги доби договорите на компаниите со предлог цени за новата реколта во кои се предлага за прва класа 365 или 375 што е неприфатливо за тутунарите. Сојузот ги повика тутунарите да не склучуваат договори за новата реколта што законски како можност почнува од 1 март.

-Категорично на компаниите им испративме електронски соопштенија дека ги отфраме нивните предлог-цени и не ги прифаќаме, зашто оваа година беа повисоки цените од овие сега што ни ги предлагаат за новата реколта. Затоа ги повикуваме сите тутунопроизводители да не склучуваат договори. Фирмите ни ја воспоставија практиката наесен да потрпишуваат анекси на договорите, тогаш и ние, на есен ќе склучуваме договори . Тогаш, пак ќе си ги гажеме нашите цени, нашите трошоци и нашите барања. И тогаш ќесклуќиме договори со која фирма сакаме и која фирма ќе се согласи со нашите предлог цени. А нашиот предлог е што сега компаниите не го прифаќаат 500 денари за прва, 420 за втора и 350 за трета класа. Ние што произведуваме, ќе продолжиме да го произведуваме тутунот, зашто од тоа живееме. Ние не може да го уништиме тутунопроизводството поради интереси на фирмите, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/02/2024 19:50