Млади изработуваа мартинки за среќа, синоќа во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци. Настанот во чии рамки се изработуваа и други ракотворби, беше во организација на културниот дом, по повод почнувањето на месецот март. Својата креативност ја покажаа млади од театарот при Домот на културата и членовите на драмската секција.
Изработката на мартинки за здравје и среќа е традиција во Тиквешијата. Седумдесет и петгодишната Љубица Минова појасни за МИА дека всушност станува збор за своевидни украси, што се носат на рацете или реверите, изработени од бела и црвена боја.
- Се носат за зравје и среќа , а учениците плус и за успех во училиште, младите за среќа во љубовта, а возрасните за резултати во работата и животот. Мартинките се носат до 22 март. После тоа се вадат. Различни луѓе потоа различно постапуваат со нив, иако сите понатамошни ритуали се исто така поврзани со желбата за среќа. Едни ги закачуваат на родовити дрва што цутат за напредок, други ги ставаат под камења за плодност, кажа Минова.
Многу други тиквешани потврдија дека ја почитуваат традицијата.
- Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен и по нив се гази. Ако после еден месец под каменот има мравки, се верува дека годината ќе биде бериќетна, се дел од верувањата во Тиквешијата.