Осумдесет и осум земјоделци од здружението „Овчеполски фармер“ од Свети Николе бараат продолжување на договорите за закуп на земјоделското земјиште. Ангел Стојчев претседател на Здружението „Овчеполски фармер“ на денешната прес-конференција истакна дека лани сите земјоделци кои имаат договор за закуп на земјоделско земјиште доставиле барања за продолжување на договори, но во декември од страна на ресорното министерство не им се продолжени. Посочува дека сите 88 земјоделци, заедно со нивните семејства егзистираат од производство на земјоделски култури на таа земја.
- На договорите некои имаат по 10 или 20 хектари земја, тоа е навистина голема површина на земјоделска земја, вели Сточјев.
Забележува дека добиле неофицијални информации оти е можно по изборите да им се продолжат договорите.
- Но до изборите ние ги губиме субвенциите, дополнително ние сме избришани од Катастар дека земјата не ни е под закуп, ние никаде не фигурираме на тие парцели, рече Стојчев.
Земјоделецот Љубе Анастасов вели дека согласно законските роковите доставиле барање за продолжување на договорите за закуп на земјоделско земјиште, но досега како што вели никој официјално не им одговорил.
- Бараме да дојдат надлежните и да објаснат на луѓето, да кажат дали ќе ги продолжат договорите или не ги продолжуваат. Ние денеска во 19 часот имаме закажано Собрание на земјоделците во Општина Свети Николе и за сите чекори понатаму треба да одлучи собранието, а ние предлагаме вака доколку нема слух, доколку не ни објаснат што се случува, во тој случај тракторите, сè што располагаме со машинерија нема да гледаме дали ќе биде автопат, центар, влез или излез на градот ќе блокираме и не ги тргаме тракторите сè додека не дојдат да ни објаснат, вели Анастасов.
Тој додаде дека вечерва на собранието на Здружението „Овчеполски фармер“ ќе се одлучи до кога ќе им се остави рок на ресорното министерство да им образложи дали нивните договори за закуп на земјоделското земјиште ќе се продолжат или не, доколку не одговорот во дадениот рок, тогаш почнуваат со протести и блокади.
Земјоделците денеска имаа и средба со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев кој им даде јавна поддршка, бидејќи како што вели во овој регион нема семејство кое нема своја земја или под закуп за да произведува храна.